Ефектите на зголемено производство како резултат на инвестициите во индустриските зони веќе се евидентни, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски по денешната посета на „Ван хул“ во Бунарџик.
– Секогаш е задоволство да се види ваква голема фабрика и да се видат резултатите од политиките на Владата. Но, потребно ќе биде да донесеме уште вакви компании за конечно да се реши проблемот со невработеноста – рече Пешевски, кој во придружба на министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Веле Самак, имаше средба со менаџментот на компанијата.
Во „Ван хул“ веќе работат 430 лица и се произведуваат автобуси за американскиот пазар. Предвидено е, наскоро, пласманот да се прошири и во Европа. Како што истакна Пешевски, засега реализацијата на инвестицијата нема никакви проблеми, ниту застој, но задача на Владата е да го следи прогресот на компаниите и максимално да помогне доколку е потребно, како и да ги прошири можностите за некој од добавувачите на фабриката да дојдат тука.
– И сопственикот кажа дека од нивен интерес е што поголем број од компонентите кои се вградуваат во автобусите, да бидат произведени во Македонија. Тоа е и наш интерес, зашто во секоја од компаниите имаме индиректни ефекти. Веќе 40 заварувачи се обучувани во други компании, надвор од „Ван хул“, но во Македонија, и се на највисоко ниво поради што ќе можат своите вештни и услуги да ги продаваат и на други компании – нагласи вицепремиерот пред посетата на погоните.
Министерот Самак напомена дека е исклучително горд на оваа инвестиција. Со оваа фабрика, посочи, повторно заживеа индустријата која замре пред повеќе од 10 години како резултат на транзицијата.
– Исклучително е значајно што само ова вложување има голем ефект на трговскиот биланс на Македонија кон САД. Воедно покажува дека ваквите странски инвестиции имаат поширок ефект и за вработувањето, како и за поблиските соработки на домашните со странски фирми – изјави Самак.
Сопственикот и извршен директор на компанијата, Филип ван Хул изрази задоволство од македонските работници и нивната ефикасност.
– Среќни сме што инвестиравме во Македонија во соработка со Владата. Во употреба се веќе три од четирите производни линии и работат со полн капацитет. Извезовме 100 автобуси во САД. Во втората половина од годинава во нашиот произвдоен план ќе ги воведеме и моделите за европскиот пазар. Нашата интенција е во првата фаза да произведеме меѓу 400 до 500 возила годишно – рече Ван Хул.
„Ван хул“ е семејна компанија од Белгија, формирана во 1947 година. Произведува градски и меѓуградски автобуси, како и индустриски возила. Има повеќе од 4.000 вработени во светот и остварува преку 450 милиони евра годишен обрт. Над 80 отсто од производство на „Ван хул“ е наменето за извоз.
Ова е прва од фабриките во македонските индустриски зони која произведува конечен готов производ, а оди под брендот „произведено во Македонија“. Голем дел од прозводниот процес веќе вклучува компоненти од македонско производство. Договори се склучени со „Унипласт“ од Струга за пластични делови и со „Актива“ од Штип за делови за шасии.
Некои од компаниите кои доставуваат делови до „Ван хул“, ќе бидат користени и за делови во фабриката во Белгија.
„Ван хул“ почна со работа во јули минатата година, откако во 2012-та беше потпишан договорот со Владата за инвестицијата вредна 20 милони евра во ТИРЗ Скопје 1.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.