На 5 април, СОС Детско село Македонија организира хуманитарна велосипедска тура за децата кои благодарение на СОС Детско село имаат топол дом и родителска грижа.
– Нашиот младинец Љупчо и неговиот другар Даниел од Бугарија ќе поминат 1700 километри низ шест балкански земји на велосипед. Целта им е да ги привлечат вниманието и поддршката на јавноста за работата на детските села, организација под чија закрила обајцата пораснаа – велат оттаму.
Настанот ќе биде поддржан од многу наши пријатели, соработници, локалната заедница и медиумите.
– Во СОС Детското село дојдов две-три недели пред да наполнам осум години. Доаѓањето тука ми беше најубавиот подарок. Тука научив да бидам дете. Тука добив семејство, браќа и сестри, љубов и грижа. Тука научив да верувам во луѓето и да сакам. Тука добив шанса да станам тоа што сакам. Јас денес работам и студирам. Хоби ми се пеење и спортување. Ми се остваруваат сништата. Она што силно го посакувам е истото да им се случи и на другите деца како мене. Затоа, придружете ми се! На 5 април – сите на велосипед – вели Љупчо.
Во СОС Детско село децата без родители и родителска грижа добиваат ново семејство, грижлив родител и втора шанса во животот. Во СОС Детско село децата растат опкружени со љубов и со грижа. Тие се чувствуваат сигурни и безгрижни, слободни да ги развиваат своите потенцијали и таленти. Потврда за тоа дека успешно ја работиме нашата работа е токму оваа иницијатива која доаѓа директно од Љупчо и од Даниел.
– Ова е моето благодарам – вели Љупчо.
Здружението на граѓани СОС Детско село Македонија постои од ноември 2000 година. Денес, низ своите програми, СОС Детско село Македонија им помага на децата со ризик да имаат безгрижно детство и посигурна иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.