| четврток, 6 декември 2018 |

Анализа: ДПА со реални шанси да ја замени ДУИ на Илинденска

goran-kol-22-ali-ahmeti-menduh-taci_16
Република на албански јазик објавува дека Демократската партија на Албанците за првпат по неколку изборни циклуси во кампања ќе влезе со поголем влог од тоа да ја потврди втората позиција во албанското политичко милје. Ако во 2011 година битката за Мендух Тачи беше целосна елиминација на Руфи Османи и на Имер Селмани од листата на влијателни албански партии во Македонија, сега  ДПА не само што сака да го продолжи позитивниот изборен тренд туку и да постигне доволно добра позиција за да може да влезе во игра за владин коалициски партнер на Груевски. Покрај тоа што Тачи е решен по секоја цена  да му се реваншира на Ахмети  за сите неправди што им ги правел на членовите на ДПА во последниве неколку години, тој сега на своја страна има неколку работи што на крајот можат да ги донесат неговите луѓе на министерски позиции.
Прво, со крајно нелогичното однесување на ДУИ, која без никаква потреба ја подигната летвичката на највисоко ниво од почетокот на нејзината партиципација во владата, Ахмети создаде тензии, кои Груевски нема толку лесно да му ги прости – објавува shqip.republika.mk/
Со барањето за консензуален кандидат за претседател, кое не беше координирано со партнерот во владата, а особено со најавата дека ќе почне кампања за консензуален претседател, кое беше отфрлено од Груевски како уцена, Мала Речица се стави во непријатна позиција и пред партнерите во владата, но и пред своите гласачи, кои сега сметаат дека Ахмети не е доволно авторитетен кај Груевски. Ако на тоа се додаде најавата на Ахмети дека тој ќе бара нов формат на соработка, што во превод значи нови барања за албанската етничка заедница, кои Груевски ги пресече во старт, јасно е дека се отвора простор за евентуално коалицирање меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА од каде што барем на почеток не можат да доаѓаат неразумни и максималистички барања како тие на ДУИ.
Тачи по првиот круг избори изјави дека ДПА го загуби Тетово, но дека партијата освои 21.000 гласови повеќе од претходните избори. Ако на тоа се додаде фактот што сега за ДУИ нема да гласаат најмалку 15.000 повратници, кои тогаш беа специјално организирани за Кичево и за Струга „да не паднат во рацете на Македонците“ тогаш е јасно дека со добра кампања разликата меѓу ДПА и ДУИ може да се сведе на само неколку пратеници, што нема да биде пречка за формирање  ново парламентарно мнозинство.
Уште еден проблем за ДУИ, а предност за ДПА би можело да биде повторувањето на  резултатот од последните локални избори одржани лани што, според проекциите, е доволно за апсолутно мнозинство, односно 62 пратеника. Во таков случај, сосема е ирелевантно кој колку пратеници има затоа што тогаш Груевски, доколку не може да се договори со албанскиот коалициски партнер, според Уставот дури нема обврска да го земе за партнер во владата.
Ако ДУИ се најде во таква ситуација на набљудувач, кој ќе нема реална моќ да влијае на стратегиските решенија во владата, не се исклучува тој доброволно да замине во опозиција само за долгорочно да не го загуби имиџот на влијателен политички играч. По речиси шест години во опозиција, ДПА нема таков проблем. Партиципирање во владините институции може да анимира голем дел од партиските структури, кои веќе шест години се во опозиција на централно ниво.
ДУИ со барањето место да решаваат гласачите, партиите да се договараат за избор на претседател, веќе го урна принципот поставен во 2008 година, кој го наметна Ахмети, а според кој  најголемите партија во двата етнички блока мора да станат дел од владата.
Дури и ако сега ДУИ не го признава тоа, тогаш Груевски и Тачи можат да тврдат дека постигнале консензуален договор за стратегиските определби на земјата и со тоа да ги урнат сите тези на Ахмети, кој 12 години од формирањето, од кои цела деценија е дел од владата, за првпат направи неколку стратегиски грешки во низа.
Доколку на 27 април ДУИ не ја порази катастрофално партијата на Тачи, тогаш сите опции се отворени, вклучително и опозициската позиција на Ахмети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top