| четврток, 6 декември 2018 |

Авионот на Дачиќ бил мета на мафијата

dacic

Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека премиерот Ивица Дачиќ, кој е и министер за внатрешни работи сепак одлучил синоќа да се качи на еден од двата владини авиони на враќање од Даблин за Белград.

Дачиќ е во центарот на скандал за поврзаност со осомичени трговци на дрога по серијата написи во српскиот печат овој месец, кои ја потресоа владината коалиција.

Тој призна дека се сретнал со Родољуб Радуловиќ, познат како Миша Банана во 2008 и 2009 година, но демантираше дека сторил нешто што е против законите. Дачиќ истакна дека е цел на „сили кои се обидуваат да ја спречат борбата на Владата против организираниот криминал и корупцијата“.

Според српското МВР разузнавачката служба открила дека „одредени криминални групи“, кои соработуваат со лица, кои имаат пристап до владините авиони, планирале да предизвикаат дефект за време на посета на странство на претседателот Томислав Николиќ, на Дачиќ или на лидерот на Српската прогресивна партија Александар Вучиќ.

– Тој дефект требало да предизвика ограничена штета и по полетувањето да се собори авионот, се наведува во соопштението и се додава дека 30-годишниот владин Фалкон 50, од француско производство и 21-годишниот Лирџет 31 се подложни на дефекти.

Во 2003 година во Белград беше застрелан премиерот Зоран Ѓинѓиќ, кој имаше клучна улога во демократските промени во Србија по соборувањето од власт на Слободан Милошевиќ во 2000 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top