Неодамна се емитуваше првата дебатна емисија во живо на интернет преку страницата www.zebraonline.mk и ова беше прв, пионерски чекор во интернет-телевизијата во Македонија. Автори на емисијата се Ели Пешева и Маја Б. Талевска, а дел од проектот се новинарите Александар Саздовски и Игор Ивковиќ. Дебатната емисија „Зебра“ сега се емитува на интернет и има две епизоди – едната во среда, а другата во петок. Двете се емитуваат во живо на интернет, од новото студио на „Зебра“. Збирот од двете епизоди е спакуван во една полчасовна емисија, која се емитува на телевизијата „Алфа“.
Во текот на дебатните епизоди и меѓу нив граѓаните можат да се вклучат со свои коментари на темата преку своите профили на „Фејсбук“ и на „Твитер“. Идејата е да се анимира интернет-заедницата, но и да не се заборави на повозрасната популација, која сѐ уште е „врзана“ за телевизијата.
Новиот тренд почнува да се следи и во Македонија, класичните медиуми полека се селат на интернет. Тоа не е вест во светот, но е вест во Македонија. За иднината на новите медиуми кај нас разговаравме со Ели Пешева, авторка на „Зебра“, која посакува да биде дел од тимот кога ќе се прави интернет-телевизија во Македонија.
– Иднината е во интернет-телевизијата. Кај нас уште нема земено замав. Кога ќе почне, кога ќе ги осознаеме придобивките на интернет-телевизијата, навистина ќе станеме многу побогати. Информациите треба да ги примаме кратко. Нашето време е ограничено. Тоа точно го покажува трендот – ние во иднина треба да добиеме кратка информација. Информацијата ја сакам веднаш и сега. И, по можност, да не ме оптоварува повеќе од пет минути. Верувам дека има иднина ваква телевизија. Во овој момент сметам дека ние, генерално, како држава не сме подготвени да имаме исклучително интернет-телевизија. Длабоко се надевам и посакувам да бидам дел првата интернет-телевизија што би се отворила во Македонија бидејќи сите патишта водат натаму – вели Пешева.
ПОТРЕБНА Е ПРАВНА РАМКА
Според Пешева, тоа што се случува сега со интернет-порталите е добар тренд, но е потребна правна рамка.
– Ни требаат правилата што важат и за печатените и за електронските медиуми. Истите правила мора да важат и за интернетот. Според мене, многу е важно секој портал да има вработено лектор. Но, најважно од сѐ е да има интелектуалната сопственост на текстовите. Мора и најважно од сѐ е да се наведе изворот од каде е веста. Инаку, ќе се удавиме во какафонија. Квантитетот ќе го утепа квалитетот. Квалитетните луѓе ќе се повлечат. Тоа е на штета на сите нас. Под итно ни треба правна рамка за интернет. Сѐ додека немаме правна рамка, може многу лесно да биде злоупотребено и луѓето да бидат лесно манипулирани. Тоа малку потешко може да се случи со популацијата што е на интернет – вели Пешева.
Иако срамежливо, и во Македонија почнуваат да се емитуваат дебатни емисии на интернет, но, за разликата од другите емисии, „Зебраонлајн“ оди во живо, што значи нема монтирања, снимања, доснимувања. Се снима во студио, тука се новинарите, режијата, интернет-провајдерот.
ПИОНЕРСКИ ЧЕКОРИ
– Правиме пионерски чекор кон интернет-телевизија. Покажуваме миграција од вообичаените, традиционални медиуми како телевизијата, на интернет. Едноставно, мора да си ја следиме целната група. Наша цел се луѓето што се 24 часа на интернет. Има една млада, урбана, интелигентна популација, која не може да си го најде својот интерес на телевизија. Тоа се луѓе што 24 часа се на интернет. Дали преку својот компјутер или преку своите мобилни телефони. Тоа е таа генерација на умни, млади, образовани луѓе. Кога велам млади, не мислам дека сите се по 20 години, туку сакам да кажам прогресивни луѓе што ние сакаме да ги ловиме и, буквално, го следиме тој принцип на интернет-телевизиите на Запад, особено во Америка – објаснува Пешева.
Дебатните емисии на „Зебра“ на интернет траат меѓу 20 и 30 минути. Според истражувањата, тоа е некое непишано правило за интернет, дека за тоа време можете да изгледате емисија, серија или студиска емисија и сето тоа во траење од 15 до 20 минути. Тоа е период во денот кога можете да направите пауза за појадок, ручек и со слушалките да ја изгледате емисијата или серијата и на работа, без некому да му пречите.
– Затоа и нашите емисии се во 14 часот. Истражувањата покажаа дека тоа е најдоброто време. По тие 20 минути ја продолжуваме емисијата со дописи, „твитови“, коментари по „Фејсбук“ – вели Пешева, чијшто концепт на емисијата е освен дебата во студиото, да се развие дебата и на социјалните мрежи.
– Идејата беше да промовираме нови, млади луѓе, кои имаат што да кажат на различни теми. Тие не мора, по некое правило, да се професори на факултет или стручњаци, туку, едноставно, станува збор за едуцирани, интелигентни, прогресивни млади луѓе, кои имаат свој став, но немаат каде да го кажат. Едно е вие да го напишете тоа на статус и тоа да го видат 100, 200, 300 луѓе, кои, можеби, ќе реагираат, друго е да го напиете во 140 карактери, а сосема е поинаку кога го промовирате човекот со име и со презиме – смета таа.
СЛЕДНА ФАЗА – ВЛИЈАТЕЛНИ „ТВИТЕРЏИИ“
Не се само „Фејсбук“ и „Твитер“ социјални медиуми. Да си на „Фејсбук“ не значи само да „закачуваш“ слики. Има уште неколку, кои се засега помалку застапени во Македонија, односно не се толку популарни како „фејсот“ и „твитањето“. Тоа се „Пинтарест“, „Линкдин“, „Инстаграм“.
– Луѓето што избегаа од „Фејсбук“ сега се на „Твитер“. Ќе се подзаситат од „Твитер“ и ќе бараат нови начини на комуницирање. Ние, можеби, ќе ја скокнеме фазата на влијателни блогери, но, според мене, нас нѐ очекува фазата многу влијателни „твитерџии“. Тоа се луѓе што имаат по четири-пет илјади следбеници, луѓе што кога ќе напишат „твит“ или им го крадат по традиционалните медиуми или од нивните „твитови“ прават приказни, кои подоцна ги развиваат. За да бидете еден од нив мислам дека треба да имате шарм, софистициран хумор, да ја следите политичката и социјалната ситуација. Тие луѓе и, 100 нови да се, многу значат за македонското општество. Тоа се нови 100 луѓе што имаат став и кои нема да се плашат дали ќе ги цензурираат или нема да ги цензурираат во тоа што ќе го кажат. Голем дел од нив се магистри или доктори на науки, најголем процент од нив се сопственици на свој бизнис. Работат во приватни фирми или се менаџери на сопствен бизнис. Тоа се луѓе какви што се потребни во јавниот живот. Компетентни се да коментираат. Амбициозни се, дел од нив се образувале во странство. Ја доживуваат деловната клима, знаат што значи сам да се води бизнис – додава Пешева.
Нејзиниот став е дека не треба да се плашиме од социјалните медиуми. Таму е интересно, се среќаваат прекрасни луѓе, со кои се вратат многу различни теми за разговор. Секако, секогаш има и исклучоци, па некојпат ќе се покаеш што си запознал некого, но така е и во животот воопшто.
– Зборувам за социјалните медиуми како начин, поглед и пристап до светот. Не можев ни да замислам дека некогаш ќе можам да му поставам прашање на Мајкл Мур. Јас сега „твитам“ со него. Се расправаме за политички ситуации. Тоа е поминување на некакви граници и луѓето согледуваат дека тоа е така. Сметам дека мора да се приспособуваме кон новите технолгии и не гледам зошто би имало страв од тоа – смета Пешева.
ДАЈ БОЖЕ ДА ИМАМЕ ПОВЕЌЕ ИНТЕРНЕТ-ПРОЕКТИ ОД МАКЕДОНСКА ПРОДУКЦИЈА
Пред почетокот на новата, деветта сезона по ред на „Зебра“, од тимот не планирале да имаат телевизиски производ, било планирано да оди само дебатата на интернет. Главниот фокус бил луѓе до 55 години, кои постојано се на интернет. Но, бидејќи не сакале да ја загубат и телевизиската популација, која е повозрасна од 55 години и за која телевизијата сѐ уште е приоритет, се решиле на комбиниран производ.
– Тоа е некаков компромис за да ги фатиме сите старосни групи бидејќи младите повеќе користат интернет, на „Твитер“ се, генерално се повеќе отворени кон новите медиуми. Но, мислењето на повозрасната популација ни е исто така многу важно, бидејќи ако за социјалните мрежи важи дека коментарите се импулсивни и емотивни, кај телевизиските гледачи сето тоа е малку позабавено. Тие повеќе ќе размислат за моментот пред да го искоментираат – вели таа.
По неколкуте емитувани емисии, се разбира дека има и критики. Пешева признава дека додека течела првата емисија сите биле во грч – и новинарите, и сите во студиото, луѓето во режија, тие во интернет-провајдерот….
– Но, важно е дека почнавме. Се надевам дека во иднина ќе гледаме многу нови интернет-проекти од македонска продукција. Јас сум таа што, дефинитивно, ќе бидам на интернет. Многу малку гледам телевизија и кога гледам, ја гледам преку интернет. Се надевам дека ќе мотивираме многу од колегите да се преселат таму и да не се плашат од коментарите и од негативните критики. Сѐ е тоа сосема нормално. Луѓето што одвоиле и пет минути за да седнат и да ви напишат критика, е добро. Тоа значи дека ве гледале и се нашле повикани да дадат коментар – завршува Пешева.
Пишува: Александра Мазнева – Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.