Актулениот шампион во НБА, Мајами Хит, како гостин славеше против Оклахома со 110-100 во реприза на ланското финале. Во градското дерби на Лос Анџелес, Клиперс беа подобри од Лејкерс со 125-101.
Мајами предводен од Леброн Џејмс ја забележа шестата победа во серија над Оклахома.
„Кралот“ Џејмс игра во животна форма, постигна импресивни 39 поени, комбинирани со 12 скока и 7 асистенции. И покрај блескавиот настап, Леброн, сепак ја прекина рекордната низа од шест натпревари со 30+ поени, притоа шутирајќи со 60+ проценти прецизност. Овојпат процентот на удар му беше „само“ 58,3 (14-24). Крис Бош дофрли 20 поени и 12 скока, во уверливиот триумф на шампионите.
Кај Оклахома, расположен беше Кевин Дјурент, кој постигна 40 поени. Подршка имаше од Расел Вестбрук со 26 поени и 10 асистенции. Сите останати кошаркари кај Тандерс имаа едноцифрен број поени.
Клиперси им го нанесоа најголемиот пораз на Лејкерси во меѓусебните дуели. Стартот беше победнички со серија од 15-0, а се беше решено веќе по првата четвртина која заврши со 31-17. Блејк Грифин постигна 16 поени во овој период, а мечот го заврши со 22 поени.
Крис Пол беше незадржлив со 24 поени и 13 асистенции, додека ветеранот Чонси Билапс погоди пет тројки (21 поен).
Кај поразениот тим Коби Брајант имаше дабл-дабл ефект 20 поени со 11 асистенции. Солидно одиграа и Двајт Хауард со 18 поени и осум скока и Ентоан Џејмисон кој прокнижи 17 поени.
Од утре во Хјустон ќе се одржи собирот на сите ѕвезди во НБА, или популарно наречен Ол-стар викенд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.