Поевтини цени и побрз и посигурен интернет се очекува со воспоставувањето на заедничкиот јазол за интернет сообраќајот во Македонија, MatriX. Интернет протокот ќе се одвива само преку домашниот јазол, со кој ќе се поврзат околу 100 домашни интернет сервис провајдери, наместо преку таквите точки во Виена или Софија.
Инвестицијата за просторот и опремувањето на националната точка за поврзување на целиот интернет изнесува 300 илјади евра. Интерес за поставување на серверите во македонскиот Матрикс има и од светскиот пребарувач Гугл.
Според министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, со воспоставувањето на заедничката точка за поврзување на целиот интернет проток во, од и за Македонија, ќе се намалат цените, а повеќе граѓани ќе можат да користат брз интернет затоа што ќе се придобијат многу поконкуренти услуги и пакети на пазарот.
– Статистиката ширум светот покажува дека со воведување ваков јазол, каде сите локални интернет сервис провајдери се поврзуваат, цените за интернет услугата може да паднат од 15 до 20 проценти. Затоа уште од почетокот заедно со Македонската академска истражувачка мрежа МАРНЕТ го поставивме овој проект како приоритет и издвоивме буџетски средства – изјави Ивановски, при денешната посета на просториите каде се поставува опрема за систем
салата.
Македонија, укажа министерот, ја исполнува препораката на Комисијата за широкопојасен интернет, најосновниот пакет за интернет услуги да биде до пет проценти од просечната плата на домаќинствата.
Ивановски укажа дека триесет проценти од вкупниот интернет проток од Македонија е кон најголемиот пребарувач Гугл. При неодамнешната посета на оваа компанија Ивановски го претставил проектот за заедничката точка за интернет сообраќај.
– Од Гугл изразија желба да ги постават и нивните сервери во оваа просторија, со што повторно ќе се намали потребата за излегување на интернет посетителите од Македонија на интернет посетеноста, за да може тоа да се затвори во РМ. Очекуваме откако ќе биде во функција оваа сала повторно да се обратиме до Гугл и се надеваме да ги видиме и нивните сервери да бидат дел од оваа систем сала. Тоа апсолутно значи дека кеширањето ќе се
одвива во оваа сала и најчесто посетуваните веб страници и информации кои ги прибира Гугл ќе бидат лоцирани токму во Македонија. Доколу да се отвори одредена веб страница биле потребни три секунди, тоа би било за една секунда, или многу пократко – рече Ивановски.
Во просториите на систем салата, што ќе биде функционална за десетина дена, своите уреди ќе треба да ги инсталираат сите интернет сервис провајреди во Македонија. Ќе има и канцеларија за вработените во МАРНЕТ кои ќе го контролираат целиот интернет сообраќај.
Директорот на МАРНЕТ Сашо Димитријоски информира дека систем салата е изградена според најсовремени светски стандарди, со најсовремена технологија и сигурносни системи, што ќе гарантираат непречено функционирање во секакви услови.
– Со воспоставувањето на првите спојувања внатре во интернет ексчејнџот автоматски ќе се постигне посигурен и побрз интернет. Сообраќајот што ќе биде лоциран во Македонија ќе се затвора тука, значи нема потреба да излегува надвор, а тоа ќе овозможи на голем дел компании што нудат интернет содржини со поевтина цена да можат да стигнат до крајните корисници – изјави Димитријоски, истакнувајќи дека дел од компаниите го очкеуваат
нестрпливо функционирањето на Матриксот затоа што ќе им се намалат трошоците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.