| четврток, 6 декември 2018 |

Стамкос се врати со голови, Тампа Беј чекори кон плејофот во НХЛ

Хокеарот со македонско потекло Стивен Стамкос беше еден од најзаслужните за новата победа на Тампа беј во НХЛ-лигата. Со 4-3 Тампа го победи Ванкувер, а ефектот на напаѓачот е по еден гол и асистенција. Стамкос беше долго повреден откако ја скрши ногатa на 11 ноември и не настапи на Олимписките игри во Сочи, каде што Канада го освои златниот медал.

Стамкос се врати на мразот на 5 март и игра одлично за „грмотевиците“, што е мошне значајно во финишот на регуларниот дел во битката за обезбедување пласман во доигрувањето за титулата.

Ноќеска против Ванкувер, Стивен погоди за 1-0 во 18. минута од првиот период, а потоа во финишот на втората третина му асистираше на Валтери Филпула за предност на Тампа од 3-0.

– Има уште многу работи да се коригираат во нашата игра. Не смееме да си дозволиме противниците да се вратат во игра и да ни ја загрозат победата како што беше случајот со Ванкувер. Мора да бидеме помудри во овој дел од сезоната кога се бие битка за плејофот – изјави Стамкос.

Неговото враќање е огромен импулс за Тампа, а головите се негова специјалност. На двапати во 2010 и во 2012 година Стамкос беше прв стрелец во најсилната хокеарска лига на светот, НХЛ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top