| четврток, 6 декември 2018 |

За да се извезува мебел во ЕУ, шумите мора да добијат сертификат

шума 2
– Македонските компании што произведуваат мебел, годинава може да се соочат со тешкотии и со неможност за извоз во земјите од ЕУ доколку државата не почне со издавање сертификат за шумите – предупредува организацијата „Поврзување природни вредности и луѓе“ (ЦНВП).
Според ЦНВП, земјите од соседството веќе го имаат завршено процесот, иако делумно, само на тие шуми што се користат како суровина за производство на мебел.
Европската регулатива од март 2013 година налага длабинска анализа на потеклото на секој производ од дрво што се увезува во ЕУ. Оваа постапка не е едноставна и бара голем број податоци и документи од извозникот.
– Издавањето сертификати за шумите денес се смета за испробан и тестиран механизам за обезбедување докази за одржливо управување на шумите и им помага на производителите при сигурна достава на производи на пазарите во ЕУ и во светот. Издавањето сертификати како алатка ја употребуваат корисници и сопственици на шуми и на шумско земјиште низ целиот свет, без разлика на нивната големина. Во западна Европа една половина од шумите се со сертификат со една од шемите за издавање сертификати достапни на пазарот во ЕУ и во светот – наведува ЦНВП.
Канцеларијата на ЦНВП во Скопје на 25 овој месец организира семинар на кој учесниците ќе ги споделат искуствата и предизвиците за издавање сертификати на шумите во Црна Гора, Албанија, Косово и во Македонија. Целта е да се промовира важноста на сертификатот на шумите во земјите на Западен Балкан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top