| четврток, 6 декември 2018 |

Берлускони: Сидорф ќе остане тренер на Милан и следната година

Претседателот и сопственик на италијанскиот фудбалски клуб Милан, Силвио Берлускони целосно го поддржува својот тренер Кларенс Сидорф. Берлускони ги демантира италијанските медиуми кои излегоа со шпекулации дека тој размислува за нов шеф на стручниот штаб.

– Сидорф воопшто не е предмет на моите размислувања. Тој дури и следната година ќе остане на тренерската функција во Милан – изјави Берлускони за италијанската телевизија „Скај“.

Долгогодишниот поранешен фудбалер на Милан, Кларенс Сидорф ја презеде тренерската палка во јануари од Масимилијано Алегри, но и под раководството на Холанѓанецот „Росоњерите“ продолжуваат со лошите резултати.

Милан во моментов е на 11. место на табелата. Од доаѓањето на Сидорф, клубот на шест натпревари има забележано само една победа и дури пет порази меѓу кои и двата од Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите по кои „црвено-црните“ го завршија својот настап во елитното натпреварување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top