Повеќе од 250 милиони евра странски инвестиции влегле во Македонија минатата година, а дел од нив се во тек на реализација. Во овие капацитети, според најавите на инвеститорите, се обезбедуваат над 11 илјади нови работни места, пренесува „Канал 5“.
Само во „Бунарџик“ досега инвестирале десетина странски компании, од нив американската „Џонсон контролс“ и британската „Џонсон Мети“ најавија и реализираа проширување на капацитетите.
Во „Бунарџик“, „Џонсон контролс“ инвестираше околу 40 милиони евра и вработи 350 луѓе.
„Џонсон Мети“ вкупно инвестираше 130 милиони евра и ќе отвори работни места до крајот на годинава за 150 работници.
Американската „Кемет“ вработи 250 луѓе во капацитет во кој вложи 35 милиони евра и најави нови 10 милиони евра во дополнителен капацитет за уште 100 работни места.
Италијанската „Текнохозе“ инвестираше 35 милиони евра, а годинава најави нови инвестиции од 11 милиони евра и вработување за дополнителни 100 работници.
„Ванхол“ вработи 400, а годинава најави нови стотина работни места. „Истем медикал“ од Турција оваа година ќе ја реализира инвестицијата од 8 милиони евра, а во капацитетот ќе вработи 250 луѓе.
„Менсан аутомотив“ вложува во фабрика за кочници 5 милиони евра и 100 вработувања.
Премиерот Груевски во јануари изјави дека уште најмалку 20 компании ќе инвестираат во земјава.
Над 760 милиони евра извоз се очекува во 2013 година да реализираат странските инвеститори кои работат во земјава. Прогнозите се дека извозот ќе се зголеми за 50 проценти и ќе достигне 1,2 милијарда евра, што ќе зафати дури една третина од вкупниот македонски извоз во 2014 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.