Една поинаква Каролина, од едно поинакво време. Песните од „Македонско девојче 2“ веднаш ја освоија публиката, а нивниот автор Николче Мицевски вели дека ова е албумот во кој, дефинитивно, ја слушаме најзрелата Каролина.
Веројатно првото на што сите им паѓа на памет е дека соработката со Каролина тргна по битолска линија. Како почна вашата соработка?
Мицевски: Битолската врска воопшто не беше пресудна за нашата соработка, таа трае веќе десетина години. Јас сум дел од групата што ја придружува на сите нејзини настапи и концерти во живо. Моето приклучување во групата беше сосема случајно и чисто професионално. Сме настапувале многу, работевме на многу сериозни концерти и настапи, така што многу добро се познаваме професионално.
Вие бевте дел и од првиот албум со вакви песни на Каролина. Беше ли голем притисокот да се создаде нешто сосема ново, а, сепак, во овој стил на музика?
Мицевски: Да, со оваа иста група ги работевме концертите со материјалот од првиот дел на „Македонско девојче“, така што многу добро го познавам тој материјал и ја знам неговата уметничка вредност. Задачата што си ја поставивме јас како автор и „Авалон“ како продукција, да се направи албум што ќе биде продолжение на еден веќе успешен албум, не беше едноставна, беше, навистина, голема, со огромна одговорност, па и притисок во одредена мера, се разбира. Значи се бараше да се направи нешто што ќе личи на тоа првото, но нема да биде исто, и, се разбира, да го задржи квалитетот, па и да го надмине. Меѓутоа, тоа за мене претставуваше еден голем предизвик и, можеби, животна шанса да се изразам поинаку, уникатно, со еден поинаков белег, со целото свое знаење и душа. Дополнително задоволство беше и тоа што работев со мој близок пријател и соработник Дејан Момировски, со кого заедно работевме на продукцијата на албумот и во чиешто студио и се снимаше „Македонско девојче 2“. На крај, сите заеднички мислам дека успеавме во тоа што го наумивме. Се разбира, публиката го има последниот збор и таа е најголемиот судија.

Работевте конкретно за Каролина или овие песни веќе ви беа компонирани?
Мицевски: Сите овие песни се правени специјално за Каролина. Приспособени на нејзините огромни технички гласовни способности. Сѐ е скроено по нејзина мера. Не оставивме ниту една нота ниту еден збор да не е на свое место. Сѐ е сработено во најпозитивна атмосфера, со најпозитивна енергија. Само така сработено може еден изведувач и автор да бидат сто проценти среќни со крајниот производ. Дефинитивно, во овој албум ја слушаме најзрелата Каролина што сме ја слушнале досега.
И самата Каролина рече дека „Две лири“ веќе е евергрин. Очекувавте ли толку добра реакција на Вашите песни?
Мицевски: Верувам во секоја песна од албумот и дека секоја ќе си го најде својот пат до слушателите и секоја на свој начин ќе биде успешна. „Чалгиска” и „Две лири” доживеаја огромен успех за многу кратко време. Се разбира дека секој посакува ваков успех и целата екипа сме многу среќни со реакцијата на публиката.
Сметате ли дека на Каролина најдобро ѝ лежи ваквиот стил на музика?
Мицевски: Каролина е изведувач од светски рамки, глас што располага со многу технички способности, пејач што може да пее многу различни стилови. Таа, едноставно, се снаоѓа секаде и го прави тоа на многу високо ниво. Белегот што го даде на материјалот од „Македонско девојче 1 и 2” е, навистина, уникатен, оригинален начин на изведба, кој остава длабоки траги во историјата на македонската вокално-инструментална музика.

Би соработувале ли со друг изведувач на ваков проект? Постои ли некој за кого, исто така, би направиле комплетен албум?
Мицевски: Засега не размислувам за следен ваков материјал и изведувач со кој би можеле да направиме нешто вакво. Иако, мора да признаам дека веќе имам неколку понуди. Отворен сум за соработка со секој пејач што вистински може да даде свој белег, пејач што е оригинален. Но, периодов размислувам само на „Македонско девојче 2“, на сите планови, концерти што следуваат со овој албум, и многу ми е важно сѐ да помине како што треба.
Вие и Вашата група „Фонтана“ сте едни од ретките групи што ја негуваат традиционалната музика и со свои песни и материјал наполниле сала пред домашната публика. Тоа беше Вашиот концерт во Битола во 2011 година. Сметате ли дека е тешко за еден музичар да живее и успешно да работи во Македонија?
Мицевски: Мислам дека беше првпат една група која негува македонска народна музика да направи вистински концерт од тие рамки. Горди сме на тоа и, секако, тоа е еден мотив повеќе да продолжиме со концертирање на тој начин. Меѓу другото, почнавме со подготовки за следниот наш голем концерт, кој ќе се случи до крајот на оваа година. Должни сме ѝ на нашата публика. Инаку, не би сакал да навлегувам за условите кај нас и дали и колку може да се функционира како професионален музичар. Никаде не е лесно. Секаде е борба и отворен натпревар за секој музичар. Меѓутоа, ако се прави тоа со многу љубов, професионализам, упорност, посветеност, мислам дека успехот и добивката сами ќе си дојдат. Тргнувајќи од самиот себе, јас живеам за музиката и од музиката.
Со „Фонтана“ имавте голем број турнеи и надвор од земјата. Како ве доживуваат во САД, Австралија, Германија… Дали само Македонци присуствуваат на концертите или, можеби, и на другите им е интересен нашиот мелос?
Мицевски: Во изминативе неколку години многу често настапувам надвор од земјава, и со мојата група и со Каролина. Насекаде во светот се желни за македонска музика. Иако се случува една смена на генерации, особено во Австралија и во САД, јас сум многу среќен од нивната реакција и желба за македонска музика, не само од македонскиот народ, туку и од многу други националности.
Разговараше: Марина Костовска
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со авторот на албумот „Македонско девојче 2“, Николче Мицевски, е објавено во 79. број на неделникот Република, 7.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


