
Претседателот на државата Ѓорге Иванов во обвинувањата од ДУИ дека не е соодветен претставник за Албанците во Македонија, не гледа ништо друго освен обид за промена на политичкиот систем во државата.
Иванов открива дека претседателот на интегративците Али Ахмети не само што немал ниту една критика за неговата работа, туку и му испратил писмо во кое му честита за лидерството и го нарекува „визионер“ и „вистински државник“.
Во интервјуто за неделникот Република, шефот на државата вака ги коментира обвинувањата од ДУИ дека Албанците во него немаат соодветен претставник:
Иванов: Пет години не слушнав никаква критика од ДУИ за мојата работа и за мојата посветеност во градењето на соживотот. Бев присутен на сите значајни празници на албанската заедница во Република Македонија. Се среќавав со Албанците од дијаспората со потекло од Република Македонија. И никогаш не сум правел никаква разлика. Бев и сум претседател на сите граѓани независно од нивната етничка, верска или која било друга припадност. Ги водев и верските дијалози, бев покровител на настани значајни за соживотот, на 10-годишнината од Охридскиот рамковен договор, на проекти чија цел беше поврзување меѓу младите преку спортот, културата, образованието. Се водам од идејата на интеграција без асимилација. Морам да нагласам дека ист однос имав кон сите заедници во Македонија, кон Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците. Мојот однос кон албанската заедница во Република Македонија се рефлектираше и на надворешно- политички план. Заедно со претседателот на Република Албанија, Бамир Топи, и со претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, ја инициравме квадрилатералната соработка, со што сакавме да му помогнеме на нашиот сосед Косово да се вклучи во регионалните иницијативи. И наспроти сегашниот став на раководството на ДУИ, за мојот ангажман со колегите добив писмо од г. Ахмети со кое ни честита за лидерството. Ќе издвојам само еден дел од него: „Честитајќи ви за лидерските капацитети кои ги потврдувате со овие пораки испратени од древниот Призрен, ви гарантирам дека вредностите, придобивките и добрите страни на овие средби сѐ повеќе и повеќе потврдуваат дека вие сте вистински државници, визионери, кои со сопствените примери го трасираат неповратниот пат на соработката, интегрирањето и европската перспектива на нашите народи и држави“.
Што реално стои зад таквиот однос на ДУИ?
Иванов: И јас, како и јавноста, бев во недоумица што значи нивниот однос, нивното барање. Веројатно јас им послужив како повод, а причината ја дознавме деновиве. Зад таа идеја стои барањето за темелни уставни промени во начинот на избор за претседател на државата, а со тоа и промена на севкупниот политички систем на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Али Ахмети: Избрани сме да носиме храбри и важни одлуки, а не да калкулираме
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме


