| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкулоска: Координација со приватните обезбедувања за претстојните избори

jankulovska_1005_g_0

Претстои сложен изборен процес со две паралелни кампањи и затоа ценевме дека е потребна добра координација со луѓето кои работат во приватното обезбедување, изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која беше во посета на Комората за приватно обезбедување.

Во Република Македонија има 154 активни правни лица кои вршат дејност обезбедување.

– Станува збор за голем број лица кои можат да бидат вклучени во процесот на обезбедување поврзан со изборите и затоа сакавме да воспоставиме нова практика имајќи предвид дека новиот Закон за приватно обезбедување дава одредени овластувања за лицата кои работат во приватното обезбедување – рече Јанкулоска.

Законот е нов, додаде таа, и со него на поинаков начин се уредени овластувањата.

– Меѓутоа факт е дека во минатото секогаш кога имало јавни собирања од масовен карактер доаѓало до ситуации каде што не е до крај јасно до каде се ингеренциите на лицата кои постапуваат во таква ситуација. Проценивме дека е добро во пресрет на овие два сложени изборни процеси да направиме една подобра координација кадешто точно ќе се знае за секој јавен собир која агенција е ангажирана за да бидат информирани полициските службеници на терен. Се договоривме да воспоставиме еден систем на меѓусебно известување – истакна министерката.

На средбата е договорено во наредните денови да биде спроведена обука за агенциите за обезбедување да не дојде до некои конфликтни ситуации на терен во однос на примената на овластувањата.

Директорката на Комората, Верица Милевска Стефановска, рече дека во Македонија дејноста приватно обезбедување е поставена врз добри основи, но имајќи ги предвид потребите на вршителите на оваа дејност, Комората освен своите основни дејности, интензивно работи и на професионализација и на приватното обезбедување.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top