| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Влакна“ на два фестивала во САД

влакна

Краткиот филм „Влакна“ е селектиран на два фестивали во САД во официјална конкуренција, и тоа на 47. издание на „Ворлдфест Хјустон“ во Хјустон, Тексас, како и на „Норт Холивуд Синефест“ во Лос Анџелес, Калифорнија. Учеството на фестивалот во Хјустон за „Влакна“ ќе биде интернационална премиера, по неговото прикажување на фестивалите „Браќа Манаки“ и „Синедејс“ во Македонија.
„Ворлдфест Хјустон“ е трет најстар фестивал во САД и еден од најстарите во светот на кој секоја година се пријавуваат неколку илјади филмови од целиот свет, но за прикажување се селектираат стотина од филмовите во официјална конкуренција.

филм влакна

Оваа година фестивалот се одржува од 4 до 14 април.
Непосредно по премиерата на „Ворлдфест Хјустон“, „Влакна“ ќе биде прикажан и пред публиката во Лос Анџелес на фестивалот „Норт Холивуд Синефест“, кој се одржува во познатите „Лемли кина“ од 10 до 13 април.
„Влакна“ е трилер-приказна за детективка која истражува убиство на мало девојче со влакно како клучен доказ.
Филмот е во продукција на „Партес“, по сценарио и режија на Елеонора Венинова. Главните улоги во филмот ги толкуваат македонската актерка Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ, а играат и Слаѓана Вујошевиќ, Марија Арсенкова и Трајче Црвенов. Продуцент на филмот е Небојша Илијевски, директор на фотографија е Димо Попов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top