Рускиот амбасадор во Обединетите нации, Виталиј Чуркин, порача дека Русија не сака војна поради кризата во Украина.
– Русија не сака војна, ниту тоа го сакаат Русите, а уверен сум дека не го сакаат ниту Украинците – изјави Чуркин на синоќешната вонредна седница на Советот за безбедност на ОН, посветен на кризата во Украина, на која се обрати и украинскиот премиер Арсениј Јацењук.
Чуркин ја критикуваше процената на западните сили за кризата во Украина и за ситуацијата на Крим, и го повтори ставот на Москва дека украинскиот претседател Виктор Јанукович неуставно е соборен од власта.
Осрвнувајќи се на изјави на другите амбасадори, Чуркин рече дека тие изнесуваат една „идилична ситуација“, додавајќи иронично: „Да не беше лошата Русија, сите Украинци ќе живееја долго и среќно“.
Чуркин застана во одбрана на референдумот на Крим нагласувајќи дека тој произлегува од правниот вакуум во таа автономна република, кој, според него, настанал како резултат на неуставното соборување на Владата во Киев минатиот месец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.