Цела криминална група, сите од едно семејство, се приведени во вчерашната голема полициска акција во Куманово и околината, под сомнение за сторен сериозен криминал, шверц со дрога,оружје, изнуди, перење пари, лихварство.
На случајот се работи две години, а криминалците се занимавале со цела палета на незаконски дејствија. Се документираа сознанијата, а завршната фаза беа претресот и приведувањето. Запленета е и голема документација.
За оваа тема, говореше министерката Гордана Јанкулоска во дневникот на ТВ Алфа.
-Можно е од документацијата да произлезе и проширување на истрагата во смисла на тоа дали се инволвирани и други лица кои првично не биле опфатени со нашата истрага, евентуална инволвираност на претставници на институции од локално или централно ниво. Дополнително ќе се утврдува дали има и други кривични дела кои до овој момент не биле документирани, а ќе може да им се стават на товар на осомничените – рече Јанкулоска.
Целата јавност, додаде, можеше да види дека овие луѓе се стекнале со значителна имотна корист.
Таа говореше и за можноста граѓаните пред избори да извадат документи по забрзана постапка. Такви документи немаат над 124.000 граѓани.
-Ние само потсетивме на една веќе воспоставена пракса. МВР секогаш издавало документи, дури и на самиот ден на изборите. Прашање на аргументација на ДИК е кои лица ќе се најдат на избирачкиот список. Ние мора да останеме отворени за сите граѓани – рече таа
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.