| четврток, 6 декември 2018 |

Досега околу 300 глуви лица добиваат државна помош од по 4.000 денари

Dime Spasov, intervju

Министерот за труд и за социјална политика, Диме Спасов, денеска оствари средба со раководството на Националниот сојуз на глуви и на наглуви на Македонија, на која разговараа за тековните и актуелни проекти што Министерството и Владата ги реализираат во насока на подобрување на животот на овие лица.

– На почетокот на јануари годинава беше воведено новото право на глувост, со парична помош во износ од 4.000 денари за сите потполно глуви лица и досега имаат поднесено барања околу 1.000 граѓани, а ова право го имаат остварено околу 300 лица. Очекуваме во наредните месеци да се зголемува бројот на барањата, како што се завршуваат здравствените прегледи и се комплетира целосната документација на секој предмет посебно. Очекуваме сè поголем број глуви граѓани да го остварат ова право, кое, практично, беше долгогодишно барање на членовите на Сојузот на глуви и кое сега стана реалност –  истакна Спасов по денешната средба.

Тој нагласи дека продолжува и обуката за знаковен јазик на 120 фармацевти, со која, што како што посочи, ќе се олесни комуникацијата меѓу глувите и наглувите лица со фармацевтите во моментите кога земаат лекови во аптеките во Македонија.

И во оваа 2014 година, како што нагласи Спасов, се одвоени средства за зголемување на бројот на толкувачи со лиценци.

– Очекувам во наредниот период Националниот сојуз на глуви да го зголеми бојот на толкувачи со лиценца за 40 лица. И понатаму ќе продолжиме со стандардизација на знаковниот јазик, која е една опширна и голема постапка и ќе трае подолг временски период, меѓутоа, во секој случај, стручната комисија од страна на врвни професори и стручни лица и во овој момент работи на стандардизација на знаковниот јазик – посочи Спасов.

Претседателот на Националниот сојуз на глуви и на наглуви на Македонија, Васко Марков истакна огромно задоволство за воведувањето на правото на глувост посочувајќи дека добива пораки од сите глуви лица кои имаат добиено решенија за овој додаток и дека истите се задоволни од посветеноста на Министерството за труд и социјална политика.

– Јас сум многу задоволен затоа што глувите лица за првпат во историјата добиваат парична помош од 4.000 денари и тоа многу ме радува, како и за можноста за 300 вработувања, досега се вработени 40 глуви лица и сметам дека животот значително ќе им се подобри –  истакна Марков.

Ресорниот министер по денешната средба нагласи и дека правото на додатокот за мобилност и слепило, што беше воведено во 2012 година во моментов го остваруваат повеќе од 3.500 граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top