| четврток, 6 декември 2018 |

Курт Вокер: Македонија и Грција да го решат спорот, НАТО да одржи „самит на проширување“

kurt vokerКурт Вокер, поранешниот американски амбасадор во НАТО, повика самитот на алијансата во Велика Британија, да биде „самит на проширување“.

– Во изминатите неколку години идејата за создавање на обединета Европа, слободна и во мир, не само што не напредува, туку донекаде и назадува. Важно е да ја вратиме на маса и да ги поддржиме земјите-аспирантки. Тоа значи, со наближувањето на самитот на НАТО во септември, проширувањето треба да биде поставено како сериозна тема на разговор. Сугерираме дека треба многу да ги поддржиме Македонија и Грција да го разрешат спорот за името, за Македонија да стане членка на НАТО на овој самит. Но, многу труд мора да биде вложен за да се случи тоа – изјави Вокер, на дискусијата во аналитичкиот центар „Херитиџ“, каде што се заложи и за прием на Црна Гора на самитот во Велика Британија.

Кризата во Украина продолжува да ги фокусира конгресмените, дипломатите и експертите кон потребата од итно проширување на НАТО. Амбасадорката на Естонија, Марина Каљуранд, на расправата во „Херитиџ“ оцени дека поминало времето во кое можело да се заборави на проширувањето на НАТО.

– Ние сме многу заинтересирани да има политика на отворена врата за прием во НАТО и во Европската унија. До пред шест месеци не беше популарно да се зборува за проширување. Но, денес имаме многу поголема можност да зборуваме за проширување на НАТО. До неодамна не можеше да се зборува за МАП процес за Грузија, но денес мислам дека времето е созреано. Конечно, НАТО ќе мора темелно да ги разгледа своите односи со Русија – изјави Каљуранд.

И новиот премиер на Украина, Арсениј Јацењук, чија посета на САД е главна вест во Вашингтон, укажа на неуспехот на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година кога на Украна и на Грузија им беше ускратена можноста да го почнат МАП процесот за прием во НАТО, како момент кога почнало ширењето на Русија кон Запад.

– Ова се последици од самитот од Букурешт, од ускратувањето на МАП процесот на НАТО. Ако немаме МАП, имаме нешто друго – воена агресија. Ова е драматична лекција за сите нас и мораме да артикулираме вистински одговор на вакви ситуации. Да бидам искрен, нема чист и едноставен одговор. Колективните тела кои се одговорни за глобалната сигурност не се ефикасни како што треба да бидат. И ова го кажувам на најдипломатски начин што можам – изјави Јацењук.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top