| четврток, 6 декември 2018 |

Самарас ја налути „тројката“, ќе дели пари на социјалци

grcija znameНајголемиот дел од проектираниот првичен суфицит да заврши кај ранливите социјални групи, останува дециден грчкиот премиер Андонис Самарас, кој и покрај инсистирањето на европската тројка да го смени својот став, решен е да го исполни ветувањето. Весникот „Катимерини“ објавува дека Самарас останува на ветувањето да даде 70 проценти од првичниот  суфицит за 2013 година, чијашто висина нема да биде одредена до април, на припадници на полицијата, армијата и на пензионери со ниски примања. Ова повторно ќе предизвика судир меѓу грчката Влада и претставниците на странските кредитори кога ќе продолжат преговорите. „Тројката“ е проти овој план и место тоа предлага тие средства да се повлечат од износот  со кој Грција ќе го надмине суфицитот за 2014 година, кој е поставен на цел од 2,9 милијарди евра.

– Евентуалната промена на мислењето ја вознемири Владата, која се подготвува за локални и регионални избори во мај и не може да си дозволи да прекршува ветувања – коментира „Катимерини“.

Инсистирањето на странските кредитори да се постигне договор во преговорите до недела, исто така, ги налути грчките власти, кои истакнуваат дека не може да се наметнува краен рок.

Клучен камен на сопнување во преговорите е спроведувањето одредени структурни реформи, кои имаат за цел укинување на пречките за конкуренција и се утврдени во извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), и вознемирија специјални групи на интерес. Владата врши притисок против барањата на „тројката“ на супермаркетите да им се даде право да продаваат лекови за кои не се потребни рецепти. Исто така, што се однесува до барањата за продолжување на рокот на траење на млекото , грчката страна стои на ставот дека нема да се согласи со реформи што ќе им штетат на интересите на грчките производители.

Претставниците на „тројката“ денеска се враќаат во Атина каде што ќе ги продолжат разговорите по тридневната пауза поради состанокот на еврогрупата во понеделникот во Брисел, на кој функционери од еврозоната ја повикаа Атина што побрзо да ја заврши долготрајната ревизија на својата економија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top