Некогаш првиот човек на Комисијата за спорт во МОК сега е прв човек на АМС и од таа позиција најавува дека стратегијата наскоро ќе биде готова. Во неа приоритет ќе имаат младите генерации, а, конечно, ќе се направи и категоризација на спортовите од кои може да очекуваме медал. Во интервју за „Република“ тој говори и за трансформацијата на клубовите, за односите со МОК и најавува дека ќе биде исправена неправдата и тренерите ќе ја добијат заслужената финансиска награда.
Македонските спортисти, и тие од светска класа и значење, и тие што се овдешни, клупски, пред две години ја извојуваа првата важна битка. Не на терен, туку форумски. Еден од најпрепознатливите ликови од осамостојувањето на државата, вистинска нивна, всушност наша ведета, кајакарот Лазар Поповски презеде одговорност за сегашноста и за иднината на плејадата таленти, за потенцијалните репрезентативци, за тренерите, клубовите. За сѐ што го допира нашиот спорт , за сѐ што ги мачеше, сопираше тие што се или што ќе бидат црвено-жолта гордост, сега имаат вистински, свој човек на вистинско место.
Кај обичните навивачи секогаш постоела дилемата кому му е потешко, на спортистот притиснат од потребата за постигнување или на тие што треба да им обезбедат услови.
Поповски: Постојат два начина за успех. Првиот со примена на научно-истражувачка работа, која бара многу ресурси, финансиски, но и човечки и, вториот, докажан во практиката со фанатизам што ги надминува сите пречки. Македонските спортисти се идеален пример за вториот пристап. Волјата и желбата и соодветните услови се неопходни и одат заедно бидејќи спортистот може да има најдобри услови за тренинг и за натпревари, а сепак да биде под очекувањата.
Искуството од четири настапи на ОИ, многуте светски и европски првенства, треба да Ви биде водач кон креирање на политиката во спортот за која сега сте најодговорен?
Поповски: За мене е голема чест што добив доверба и привилегија, но и голема одговорност моето искуство од Олимписките игри да претставува водач кон креирање на политиката во македонскиот спорт.
Како оди подготвување на стратегијата? Сите очекуваат некаков ренесансен план.
Поповски: Програмата за спорт, која во согласност со Законот за спорт ја донесува Владата на РМ, е стратегиски документ со кој се става крај на транзицијата во спортот и претставува основа за развој во следниот период. Таа треба постојано да се надоградува и на неа треба да се темелат и дефинираат годишните оперативни планови. Само за споредба, Полска својата програма за развој на спортот ја има дефинирано до 2020 година. Со програмата се става крај на политиката со која проектите, програмите и финансирањето зависеа од личноста што ја раководи Агенцијата. Отсега, па натаму, секој следен мора да продолжи таму каде што застанал неговиот претходник.
Што ќе фаворизира таа, што ќе стимулира? Можете ли да издвоите детали, особено тие што темелно ќе го променат нашиот спорт?
Поповски: Во фокусот е базата, а тоа се младите генерации. Тука, клучни се спортските паралелки или, проектот на Владата на РМ популарно наречен – спортска академија – која од почетокот на оваа учебна година почна во рамките на спортската гимназија во Скопје. На овој концепт треба да се надоврзе научно-истражувачката работа и издавањето лиценци на стручниот кадар. Во продолжение е можноста во спортот да влезат дополнителни средства преку претприемаштвото, и тоа преку организацијата на спортски настани, меѓународната соработка и спортскиот туризам. Третиот столб се објектите и инфраструктура, и врвниот спорт, кои се инвестиции во промоција на државата. Во програмата се опфатени и предучилишниот, училишниот и универзитетскиот спорт, единиците на локална самоуправа, армискиот и полицискиот спорт, врвниот, олимпискиот и рекреативниот – спортот за сите, жената во спортот, спортот и екологијата. Покрај вложените повеќе од 20 милиони евра во фудбалски терени, сали, тениски игралишта и 30 до 50 милиони евра во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и во Арената „Филип Втори“, сѐ уште постои огромна потреба за објекти за тренинг и за рекреација.
Според Вас што, односно кои спортови треба да се протежираат?
Поповски: Стратегијата предвидува категоризација на спортовите. Конечно, мора да се определиме кои спортови ќе ги третираме како национални. При тоа, ќе се земат реални критериуми, односно групни и индивидуални олимписки спортови во кои имаме шанси да настапиме на ОИ и неолимписки спортови во кои можеме да донесеме медал од големи првенства. Доста беа критериуми од типот – географското подрачје или критериумите да зависат од лични интереси и од пријателски врски.
„За мене е голема чест што добив доверба и привилегија, но и голема одговорност моето искуство од Олимписките игри да претставува водач кон креирање на политиката во македонскиот спорт“
Има ли сила ова општество, оваа држава, да негува многу спортови и дисциплини?
Поповски: Сведоци сме дека кризата го зафати и реалниот сектор и затоа не треба премногу да очекуваме средства за финансирање програми на федерациите и на клубовите. Најважно е да се доделуваат таму каде што имаме можности за остварување вредни резултати . Законот за спортот дава можност и за формирање Фондација за спорт, можност што досега не сме ја искористиле, а која ќе ги финансира исклучително националните тимови, а не некакви настани и активности од периферно значење.
Дали во изработувањето на стратегијата без вклучени сите на кои се однесува таа?
Поповски: Изработувањето почна во ноември минатата година на средба со сите федерации, а на неа беа дефинирани седум приоритети. Во АМС во тоа време вриеше како во кошница. Сите што искрено пристапија кон формираните работни групи со идеи за развој на матичниот спорт, но и за спортот во РМ воопшто, ги вградивме во еден материјал што го разработуваше посебна Комисија во која беа вклучени спортисти, спортски работници, универзитетски професори, федерации, ССФМ, МОК, тренери, лекари, бизнисмени, новинари. Конечно, завршниот документ влезе во владина процедура, а сметам дека е многу важно за него да расправа и Собранието на РМ.
Што предвидува стратегијата во делот на изградба на објекти за спорт, зошто тие на најдобар начин ќе покажат што ќе фаворизираме?
Поповски: Инфраструктурата е на прво место. Во Македонија сѐ уште постојат средини каде што граѓаните немаат пристап до спортските објекти. Замислете како им е на децата што не виделе кош или, пак, играат фудбал на несоодветни терени. Каде се лицата со инвалидност, лицата со посебни потреби, социјалните случаи, децата без родители. Сакаме во спорт да ја приспособиме пораката на Мајка Тереза, која вели дека најголемо задоволство е да се спречи една солза. Пристапот до игралиштата по најповолни услови е приоритет. Посветуваме внимание и на постојните објекти во сопственост на РМ и на начинот на нивното користење и одржување. Тоа е огромен капитал, кој со текот на годините, поради коруптивно и криминално однесување, се руинирани и во многу мал процент се користат за вистинската намена.
Има ли сегмент што ги опфаќа нашите стари, традиционални спортски бази како Сарај, Матка, Автокоманда, Крушино?
Поповски: За овие локации и спортски објекти ќе решава Владата на РМ со оглед на нивното стратегиско значење од повеќе аспекти.
Колку и да изгледа удобна и убава вашата позиција. Сликање, поздрави со најуспешните, таа има и темна страна бидејќи постојано сте на удар на дел од тие што сметаат дека заслужуваат повеќе?
Поповски: Велат, кој заслужил медал, нема повторна потреба од него, а кој не го заслужил, вечно го бара. Да, навистина постојат две страни на медалот, а мене ми е чест да им помогнам во најголема мера на тие што заслужиле, на тие на кои Република Македонија им е побитна од личното его и од материјалниот интерес, на тие што живеат за спортот и од спортот, кои и покрај работните, семејните и другите обврски, имаат време да тренираат или да му помагаат на некој што решил да се посвети на спортот и да ја продолжи традицијата. Жална е сликата кога некој тренер или спортист заборавил дека има разлика во тоа – да се освои медал и да се биде шампион. Вистинскиот шампион е тој што цел живот дејствува и им помага на младите да ги надминат неговите успеси. За некои времето застанало во некој поранешен систем, а други, како што е Бранимир Јовановски, своето знаење и искуство го пренесуваат на наследниците, носат медали не само за себе, туку и за Република Македонија, скромни се и никогаш не им паднало на ум да се откажат од националниот тим.
Летово ја видовте првата пречка во вашите намери да исчекориме, да му се приближиме на светот и да станеме професионалци. До каде е тој проект?
Поповски: Трансформација на клубовите од здруженија на граѓани во акционерски друштва е целосно завршен за фудбалските, а во постапка се и кошаркарските клубови. Таму се чека уште на КК Пелистер и на КК Вардар. Ракометната федерација на Македонија и ракометните клубови, за жал, се однесуваат како да играат во друга држава, но очекувам и тие, иако ги пробија сите рокови, да си ги исполнат законските обврски. Искуствата на тие што се трансформираа се позитивни, иако постојат тековни проблеми. На пример, едно е да си претседател на здружение, а друго да си директор на АД, а најинтересна е изјавата на еден градоначалник, кој вели, до вчера бевме спонзори, а сега сме сопственици на клубот со кој нашата општина се гордее.
Вистина ли е дека на нашиот спорт може да му се случи апокалипса, како што говореа противниците на замислата клубовите и сите субјекти да се „фискализираат”?
Поповски: Апокалипса ќе доживеат само тие што порано ги користеа клубовите за да изнудат спонзорства, а средствата ги користеа за лични интереси. Ќе се сетиме, некои донатори во клубовите инвестираа многу, а не им се врати ни со резултати, ни со реклама, ни со младински екипи. Како може да доживее апокалипса нешто што е приватна сопственост. Зар постои личност што би го однела своето во пропаст?!.
Ова, секако, ќе помине, но колку во тој случај спортистите, спортските работници, па нека се и спонзорите, вистински ќе бидат заштитени знаејќи дека овде секогаш се наоѓаат дупки во законот?
Поповски: Капиталот, во најмала рака, ќе им биде заштитен и никој нема да може толку лесно да ги исфрли од клубовите. Претходниот систем во кој беше овозможено да функционираат паралелно и здруженија и компании со дејност спорт, не даде резултати. Сега, преку капитализирање на повиканите спортски субјекти, се отвора можност некој да биде целосно одговорен. Класичен пример е сопственикот на ЖРК Вардар, кој веднаш го прифати концептот на АД. Тој сега нема потреба да бара дупки во законот?!.
Полека станува епски овој конфликт, секако, во наши рамки, или можеби е подобро да го наречеме разидување со МОК?
Поповски: Јас бев дел од МОК, тоа е мој дом. За жал, во континуитет, како спортист и спортски работник, никако не можам да се почувствувам таму како дома. Статусот на МОК, порано или подоцна, мора да се реши, но само во рамките на законите на Република Македонија, секако, целосно почитувајќи ги одредбите од Олимписката повелба. Од друга страна, секој клуб, федерација, сојуз, па и МОК, во својот Статут предвидува цели и задачи што мора да ги оствари, а очигледно е дека одредени раководства, без оглед дали од субјективни или објективни причини, не успеваат во тоа. Кога е така, чесно е да се повлечат и да остават некои похрабри и поспособни да ги остварат целите за развој на спортот, а не да носат на совест генерации спортисти, кои поради нивната политика не можат да го демонстрираат својот потенцијал.
Но, факт е дека и АМС континуирано, не говориме само за оваа постава, па и оваа влада, се обидува да го маргинализира МОК?
Поповски: МОК е моќна институција самата по себе, не гледам како некој може да го маргинализира, тоа е илузија.
„Ако во МОК не се подготвени да ги остварат целите, чесно е да се повлечат и да остават похрабри и поспособни да се обидат, а не да се носат на совест генерации спортисти, кои поради нивната политика не можат да го покажат својот потенцијал“
Добро, колку стипендисти има МОК, а колку вие од АМС?
Поповски: За МОК не можам да говорам, а ние секоја година даваме по 500 стипендии од категоријата – спортска надеж, а за секој висок остварен резултат, спортистите се здобиваат со стипендија од светска и од меѓународна категорија. Постои уредба и за национално спортско признание – спортска пензија, а од оваа година, системот на валоризирање на спортските успеси го затвораме и со државната награда за спорт „8 Септември“. МОК беше вклучен во сите фази на доделување на ова највисоко спортско признание во Република Македонија.
Кога сме кај стипендистите. Што покажуваат досегашните анализи и резултати. Во колкав процент и кај колкумина има видлив напредок.
Поповски: Стипендиите се вистински стимул за спортистите. Секој висок резултат на меѓународно ниво треба да биде награден со финансиска поткрепа. Ние токму тоа и го правиме. Тоа е постапка што е воведена во речиси секоја држава што се грижи за спортистите. Од оваа година и сите членови на спортската академија автоматски ќе добиваат стипендии.
Тренерите Ви се лути. Велат дека се застапени минорно во финансискиот поттик?
Поповски: Во право се, во делот на правилникот за категоризација на спортистите е многу јасно прецизирано за секој спорт и, некој во минатото, а се знае точно кој, во континуитет ги намалуваше нивните бенефиции. Токму затоа во тек се активности за усогласување. Во меѓувреме понесени од минималните придобивки за тренерите, нивната награда е само 20 проценти од таа на спортистот, решивме да иницираме воведување награда „8 Септември” со која ќе бидат соодветно наградени, пред сѐ тренерите, селекторите и спортските работници. Секако, бидејќи се работи за државна награда, критериумите мора да се поврзани со постигнат резултат, но и со афирмација на РМ во меѓународни рамки. Не сме комунистичка држава, па да ги делиме со декрет.
Во налет на еуфорија доделивте многу награди. Вие или Владата. Истото се однесува и на пензиите. Ќе има ли тука ревизија?
Поповски: Нема никаква еуфорија, сѐ што воведовме е европска практика, дури размислуваме да почнавме иницијатива и за нормирање на еднократните награди и еднаш за секогаш да се знае колку вреди медал од ОИ, од светски и од европски првенства. Сакаме отвореност и мотивација кај спортистите, но и кај нивните тренери бидејќи и тие би биле опфатени. Немам никаква намера да правам ревизија на спортските пензии и награди. Сите што се здобиле со популарно наречената спортска пензија, ја добиле во согласност со Уредбата на Национално спортско признание.
Пред крај. Дел од спортистите и од тренерите велат дека сте подзаборавиле дека парите се попотребни пред, отколку по добро или лошо завршената обврска?
Поповски: Точно е тоа, понекогаш исплатите доцнат, иако АМС навремено ги доставила налозите. Сепак, барем додека сум јас директор на Агенцијата, доколку се работело за нешто итно, неодложно, важно, до кој било орган или институција да сме се обратиле, сме наидувале на разбирање, соработка и на привилегиран третман, а посебно од страна на претседателот на Владата на Република Македонија, кој, навистина, од срце ги помага сите наши напори, а најчесто и лично ги промовира.
Колку Лазар Поповски сега практикува спорт. Да не се оддалечивте од водата по сите овие форуми, приеми, состаноци, администрација.
Поповски: Реално се оддалечив од кајакот, планинарењето, вежбањето, немам време за тренинг или за рекреација. Чувството за големите очекувања што ги има спортската и пошироката јавност, но и довербата што ми е укажана, за мене се голема одговорност. Во моментов, со тимот од вработени во АМС се чувствувам како да настапувам на моите петти Олимписки игри, но постои тука и гордост што успешно ги реализираме проектите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.