На 16 март со почеток во 21 часот во ноќниот клуб „Балет“ ќе се одржи хуманитарна изведба на претставата „Привид“ на независниот театар „Театра“ (Theatra). Сите средства од изведбата ќе бидат наменети за лекување и овозможување на подобри услови за живот на Анкица Стојковиќ, жена со тешка здравствена состојба која се бори за својот живот.
Билетите за „Привид“ ќе можат да се набават на денот на настанот од 20.30 часот во ноќниот клуб „Балет“, по цена од 200 денари.
„Привид“ како дел од проектот „Секаде театар“ веќе втора година успешно се игра на репертоарот на „Театра“, полнејќи ја алтернативната сцена во „Балет“, изведба по изведба.
На истата сцена во оваа претстава истовремено се одвиваат три приказни. Целта на „Привид“ не е само активирање на сите сетила кај публиката, туку и нивнот ставање во функција на разоткривање на целата претстава. Со оваа идеја, се игра претстава што зборува за врската меѓу двајца луѓе, но тука физички се отсликуваат и нивните состојби и затскриени чувства и значења.
Во претстава учествуваат Васил Зафирчев, Наташа Петровиќ, Марија Зафирова, Симона Спировска, Викторија Илиоска и Билјана Стојкоска.
Режијае на Билјана Радиноска, а драмскиот текст е работен во процесот на подготовки и претставува заеднички труд од целата екипа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.