| четврток, 6 декември 2018 |

Годишни даночни пријави ќе може да се поднесуваат и на 17 март

ujp-zgrada
Рокот за поднесување на Годишната даночна пријава и на Годишниот даночен биланс за персонален данок на доход е 15 март, а бидејќи последниот рок паѓа во сабота (неработен ден), од Управата за јавни приходи, информираат дека согласно законот, даночните обврзници своите пријави ќе можат да ги поднесат и на 17 март 2014 година (понеделник), како прв работен ден.

Иако законскиот рок за оваа обврска започна да тече од почетокот на годината, најголем интензитет во поднесувањето на пријавите, како и секоја година досега, има во последните денови. Од УЈП потврдуваат дека досега се поднесени 108.763 Годишни даночни пријави, од кои 760 се доставени по електронски пат.

Од почетокот на оваа недела бројот на подносителите постојано се зголемува и дневно се примаат по повеќе илјади пријави. Одговорните потсетуваат дека граѓаните треба да имаат претходно пополнети пријави, а со нив да ги приложат и неопходните потврди за примањата што ги примиле заедно со платените аконтации за нив.

Пријавите за утврдување годишен данок на доход се бесплатни и можат да се подигнат во канцелариите на даночната управа или да се симнат од интернет, од официјалната веб страница на Управата за јавни приходи.

Обврска за поднесување пријава имаат граѓаните кои оствариле приходи во земјата и во странство, во што се вклучени: лични примања, приходи од самостојна дејност, приходи од имот и имотни права, од авторски права и права од индустриска сопственост, од капитал, од капитални добивки, добивки од игри на среќа и други наградни игри, и други приходи.

Даночните обврзници кои остваруваат само приходи од плати или пензии или само приходи од земјоделска, односно од самостојна дејност не се должни да поднесуваат Годишна даночна пријава.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top