Кевин Дурант им одржа лекција на кошаркарите на Хјустон и со 42 поени беше најзаслужен за победата на Оклахома во дербито во НБА лигата. Популарниот Дурантула го наполни кошот на ракетите, а домаќините славеа со 106-98.
Мечот меѓу овие две екипи е мошне интересен и поради Џејмс Харден, кој сега игра за Хјустон, а порано беше член на Тандерс и поради кавгата на Расел Вестбрук со Патрик Беверли. Харден постигна 28 поени и беше најефикасен кај гостите, но и тоа не беше доволно за победа.
Вестбрук и Беверли повторно имаа кавга, откако лани бекот на Оклахома заработи потешка повреда токму во дуел со Беверли. Вестбрук со 24 поени беше втор стрелец кај Оклахома, тим што го дели второто место со Индијана. Двете екипи ноќеска победија и имаат биланс од 47-17, зад лидерот Сан Антонио со 47-16.
Мамузите фуриозно минаа низ Чикаго и ги декласираа булси со 104-96. Конечниот резултат и разлика во корист на Сан Антонио не изгледа превисок, но победата беше извесна за гостите уште по првата четвртина. Предводени од Тони Паркер кој постигна 16 поени, Сан Антонио го доби првиот период со 38-14. Паркер постигна два поени повеќе од комплетната екипа на Чикаго во првите 12 минути. Мечот го заврши со 20 поени, но во поголемиот дел од последните две четвртини и не играше.
Резултати: Оклахома – Хјустон 106-98, Чикаго – Сан Антонио 96-104, Индијана – Бостон 94-83, Детроит – Сакраменто 99-89, Мемфис – Портланд 109-99, Минесота – Милвоки 112-101, Голден стејт – Далас 108-85.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.