| четврток, 6 декември 2018 |

Фестивалот „Макфест“ доби нови директори

Фестивалот за забавна музика „Макфест“ доби нови директори. Градоначалникот на општина Штип Илчо Захариев денеска и официјално им ги врачи решенијата на Дарко Мијалковски, кој е директор на „Макфест“, на уметничкиот директор
Оливер Арсовски и на техничкиот директор на фестивалот Трајче Јованов.

Новите директорите на „Макфест“ ветуваат фестивал за паметење. Со врачување на решенија, официјално почнуваат интензивните подготовки за фестивалот кој ќе се одржи последниот викенд во мај.

Мијалковски истакна дека првпат во организација на „Макфест“, годинава целосно покровителство има Владата. Најави фестивал со квалитетна продукција и целосен настап во живо.

Арсовски на денешната прес-конференција рече дека првпат во своето 29 издание, на „Макфест“ во живо ќе се пее, но и ќе свири оркестарот на МРТ. Тој истакна дека салата на Домот на културата „Ацо Шопов“ ги исполнува условите за квалитетен звук.

На „Макфест“ годинава ќе биде применета најнова аудио и визуелна технологија, што ветува квалитетен звук, слика и продукција која ќе донесе нови хитови и музички имиња во Македонија.

„Макфест“ е фестивал каде музичката кариера ја почнаа многу наши музички ѕвезди. Годинава нема да има дебитантска вечер, но директорите планираат да им дадат голема шанса на дебитантите. За нив претходно ќе се организира аудиција. Во тек е конкурсот за песни за фестивалот „Макфест“, кој треба да заврши до 27 март.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top