Шеснаесет земји досега пројавија интерес да бидат организатори на следното Европско првенство за кошаркари што треба да се одржи во 2015 година.
Актуелната политичка и безбедносна ситуација во Украина, може да ги принудат челниците на ФИБА Европа, да и ја одземат организацијата на оваа источно европска земја за која државата веќе има платено седум милиони евра.
Жан Преј Суит, претседател на Кошаркарската федерација на Франција, потврди дека досега интерес за организација на шампионатот пројавиле дури 16 земји.
– Ние сме подготвени да ја преземеме само дел од организацијата, односно во Франција да се одржи првата фаза од првенството, изјавил Пјер Суит, првиот човек на француската федерација, чија кошаркарска селекција ќе го брани шампионскиот трофеј.
Французите во моментот не можат да ја преземат одговорноста за комплетната организација на Евробаскетот бидејќи најголемата арена во Франција „Берси’’, која може да прими 15.000 гледачи, ќе се реновира до крајот на октомври.
– Постојат три варијанти за првенството во 2015 година. Првата која е најмалку остварлива е Украина да ја задржи организацијата. Во втората Украина би била ко-организатор на шампионатот (најверојатно со Полска), а третата е ФИБА Европа да и ја одземе организацијата и да ја додели на некоја друга земја или земји, појаснува Пјер Суит.
Меѓу заинтересираните досега јавно се произнесоа: Полска, Србија, Шпанија, додека за заедничка организација интерес пројавија, Франција и Германија, Хрватска и Италија, како и Чешка и Словачка.
Конечниот збор сепак ќе го има Бордот на ФИБА Европа, а епилогот ќе биде познат по состанокот закажан за 22 март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.