Во организација на Италијанскиот институт за надворешна трговија, денеска се одржа Италијанско-македонски бизнис-форум. Во присуство на претставници од 30 италијански компании и 40 македонски беа презентирани инвестициските можности на Македонија во областа на енергетика, инфраструктурата и на градежништвото.
На форумот главен акцент беше ставен на главните проекти во Македонија во инфраструктурата и во енергетиката, чијашто реализација е предвидена во следните три до пет години. Почесен гостин беше амбасадорот на Република Италија во Македонија Ернесто Масимо Белели, а свои обраќања имаа и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.
Амбасадорот на Италија во Р. Македонија, Ернесто Масимо Белели, истакна дека Италијанците не ја познааваат добро Македонија и дека ова е одлична можност подобро да се запознаат со инвестициските можности овде.
– Форумот е бизнис-форум, целта е да се промовираат економските можности за инвестиција. Италија е една од поголемите економии во светот и можности постојат во сите сектори за инвестирање – рече Белели.
Тој посочи дека Македонија е земја што се развива и има добри основи и можности за Италијанците да бидат овде, спомнувајќи ја и добрата даночна политика на земјата.
Белели истакна дека не се само овие два сектори во кои може да има соработка меѓу двете држави, но за почеток ги одбрале енергетиката и инфраструктурата во кои македонската влада многу вложува.
Италијанскиот амбасадор додаде дека причина за ваквата соработка започнала од минатата година кога на роуд шоуто, кое го имале македонската влада во Италија, вицепремиерот Владимир Пешевски со своето излагање оставил голем впечаток.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, презенентирајќи ги инфраструктурните проектите на кои се работи, ги повика и италијанските бизнисмени да учествуваат во поглед на инвестирање.
Меѓу поважните проекти што ги истакна министерот беа изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10, изградба на автопатот Македонија-Косово, гасификација на скопскиот регион и многу други.
Јанакиески за гасификацијата ги повика италијанските компании укажувајќи им дека јавниот оглас е во тек и трае до 26 мај 2014 година.
– Повратот на профит е многу висок, очекувам дека ќе имаме огромен интерес од компаниите. И веќе има голем интерес од повеќе земји во Европа и надвор од Европа. Рокот за концесии е 20 години, а очекуваме приклучувањето на објектите да биде во периодот помеѓу 2015 до 2019 година. Критериумите за пријавување не се високи, а тоа беше и нашата крајна цел да имаме поголема конкуренција – истакна Јанкиески.
Градоначалникот на Град Скопје истакна дека и досега имале добра соработка со Италија, тој посебно ја нагласи соработката со градот Торино со кој веќе имаат потпишано и договор за пријателство и за соработка.
– Со договорот двата града досега соработуваа во повеќе области, особено во областа на урбанизмот, урбанистичкото планирање, соработката со јавните претпријатија, соработка на универзитети, туризмот, заштита на животна средина – истакна Трајановски.
Тој посочи дека досега особено добра соработката имале на полето на урабанизам и на урабанистичко планирање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.