| четврток, 6 декември 2018 |

Никос Диму: Грција веќе загуби во спорот за името (ВИДЕО)

zname-makedonija-grcija

– Грција веќе загуби во однос на прашањето за името. Деведесет и пет проценти од државите во светот го прифаќаат името Македонија, а ние продолжуваме да дискутираме за ова – изјави Никос Диму, член на новата грчка политичка партија Потами (Река) во гостување во емисија на телевизијата „Скај“.

Тој изјави дека поддржува решение врз основа на сложено име со географска одредница, но додаде дека се согласува дека Македонија може да се нарекува како што сака, „па и Македонија“.

– Прашањето за името беше погрешно раководено од страна на грчките влади уште од самиот почеток. Тоа е прашање за кое веќе загубивме – истакна Диму.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, тој додаде дека тоа е негов личен став, а не и на партијата, која, како што рече,  сè уште нема изградено позиција за ова прашање.

Изјавата на Диму наиде на остри реакции од страна на некои грчки медиуми.

Електронското издание на „Елисис Елинон“ коментира дека новата партија рано ги откри своите цели.

-И како што веќе навикнавме во последните неколку години, ова е уште една антигрчка партија – пишува  „Елисис Елинон“ коментирајќи ја изјавата на Диму.

Партијата Потами неодамна ја формираше телевизискиот новинар Ставрос Теодоракис. Тој соопшти дека таа ќе биде проевропска напредна партија во пошироката лева смисла и ќе ги брани разумот и правдата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top