По првата колекција на македонските маички со оригинални написи испишани на кирилица, наречена „Кирилицата што се носи“, колективот „Омајгад“, заедно со пролетта, носи нови и урбани маици, дизајнирани на тема Скопје.

За разлика од првата, со оваа колекција, „Омајгад“ нуди шаренило од маици и дизајни опфаќајќи скопски теми, теми што будат силни емоции и наврашање на тоа што било, со надеж дека пак ќе биде.

– Во Скопје живеам, креирам, се будам и заспивам. Скопје е емотивна приказна со стрип-завршок. Kолку и да мислиш дека завршил, повторно се појавува ново продолжение. Ако си од Скопје или живееш во Скопје, тогаш сигурно знаеш дека радост e да се прошеташ низ парк, да пиеш пиво на Кале, да останеш последен на забава во „Сектор“ или „Капан-ан“, да те одболи глава со убаво кафе во „Концепт“ или поглед од Водно. Скопје во нашите срца е останато како радост, а некогаш пак ќе биде. Ако се вратиш назад во времето и го погледнеш Скопје, ќе ти текне на 091, на „олдскулот“, растењето со „Чиста околина“, ќе ти текне како Скопје еволуира (или не) во 02. Ќе се присетиш кога како дете си го вртел Скопје уздуж и попреку со точак, и ете уште го правиш тоа, бидејќи во здраво тело, полн кеш. Едноставно, Скопје е град во кој живеат милион фаци, сите различни по сурат и карактер, сите своја приказна, но сите со една иста заедничка инспирација и љубов, а тоа е – СКОПЈЕ! Скопје е закон. Скопје е љубов која трае. Скопје било, е, и ќе биде #ОМАЈГАД – вели дизајнерот и креаторот на овој колектив, Гоце Велески.

Приказна за Скопје преку дизајнраните маици ќе биде претставена на отворениот настан во сабота, 15 март, во „Концепт 37“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


