Друштвото за производство, инжинеринг, услуги и трговија „Конструктор Рената“ ќе ја уредува плажата во Дојран. Министерството за транспорт и врски ја одбра фирмата која треба да уреди 500 метри плажа на Дојранско Езеро, во централното градско подрачје и дополнителни 100 метри плажа вон централното градско подрачје. Бирото за јавни набавки ја објави зделката, вредна близу еден милион евра. Избраната компанија треба да го реализира договорот во рок од четири месеци.
Според избраното идејно решение, се предидува плажата да има песочна површина која би се изнивелирала и попесочила со соодветен автохтон песок, зеленилото да се дооформи со автохтони видови, хортикултурно и партерно да се уреди со поставување клупи, фонтани за питка вода, детски игралишта, пешачки патеки од монтажно – демонтажни материјали.
Сервисниот пункт на плажите треба да има шанк со кабина за музика со спецификација на опрема, место за озвучување, санитарен јазол, тушеви, соблекувални, прирачна остава за чадори, лежалки и други реквизити. Треба да биде обележан просторот за капење во езерото заради заштита на капачите од пловни објекти и да се предвиди место за служба за спасување, а местото за седење на спасителот да се осмисли во духот на целата плажа. На плажата треба да се предвидат и места за информативни паноа, безжичен интернет и други погодности за забава и престој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.