| четврток, 6 декември 2018 |

Еврото близу највисоко ниво кон доларот за последните 2,5 години

Еврото во тргувањето на светските берзи во понеделникот се задржа близу највисокото ниво за последните две ипол години кон доларот, откако Европската централна банка на минатонеделниот состанок не сигнализираше нови потези во насока на натамошно олабавување на монетарната политика. Во такви околности со еврото се тргуваше по 1,3884 долари, што значи дека зајакна 0,07 отсто во однос на затворањето од крајот на минатата недела. Се задржа близу највисокото ниво за две ипол години од 1,3915 долари, на кое се искачи минатиот петок по состанокот на ЕЦБ на кој е отстранета можноста наскоро да се презема мерки за поттикнување на растот.

Доларот зајакна 0,3 отсто во однос на јенот, на 103,30 јени. Доларот и еврото во денешното тргување горе-долу го надокнадија претходните загуби кон јенот.

Трговците со девизи се поделени околу тоа дали единствената европска валута има доволно сила да го пробие нивото од 1,4 долари, иако некои забележуваат дека недостига реакција на иннвеститорите на загриженоста која денеска ја искажа функционерот на ECB, Кристијан Ноер поради силното евро.

„Сметам дека трговците со девизи се „тенки“ со евра. Инвеститорите како што се пензиските и државните стабилизациски фондови исто така се „тенки“ така што сметам дека е поверојатно дека еврото ќе зајакнува“, вели еден банкарски аналитичар од Лондон, напоменувајќи дека изјавата на Ноер не предизвика поголема реакција.

Во фокусот се најде податокот за рекордниот дефицит на јапонскиот биланс на плаќање , како и надолу ревидираниот податок за раст на јапонскиот БДП. Берзанските актери со внимание го следат дводневниот редовен месечен состанок на јапонската централна банка кој завршува во вторник, но не очекуваат промена во досегашната монетарна политика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top