Властите на Севастопол, каде што повеќе од 70 проценти од граѓаните се Руси, го прогласиле рускиот за службен јазик за употреба во сите официјални комуникации. Ваквата одлука денеска ја потпишал вршителот на должноста претседател на градската управа на Севастопол, Дмитриј Белик, пренесува руската агенција „Итартасс“. Во објаснувањето се наведува дека градската управа на Севастопол во согласност со меѓународните закони и земајќи предвид дека рускиот е мајчин јазик за мнозинството граѓани на овој град, донела одлука рускиот јазик да се користи како јазик за официјална комуникација.
До сега властите на овој град официјалните документи морале да ги пишуваат на украински јазик, истакнува „Итартасс“. Истовремено, прорускиот премиер Сергеј Аксонов најави дека граѓаните на полуостровот ќе имаат можност да избираат меѓу руска или украинска патна исправа, доколку Крим стане дел од Русија по референдумот најавен за 16 март, јавува руската новинска агенција „РИА Новости“.
Аксонов, кој се самопрокламира за лидер на Крим пред две недели, по што проруските сили го зазедоа локалниот парламент, изјавил дека ќе прифати употреба на два јазика – руски и кримско-татарски.
– Нема да инсистираме на неопходноста од враќање на украинските патни исправи и секој ќе има можност да го користи својот мајчин јазик. Не сакаме да го ограничиме значењето на кримските Татари – рекол Аксонов, пренесува „Ројтерс“.
Полуостровот во Црното Море има два милиони жители со руско етничко мнозинство и со повеќе од 250.000 автохтони Татари кои се вратиле на Крим за време на осумдесетите години на минатиот век, бидејќи за време на владеењето на Јосиф Сталин биле протерани од своите огништа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.