Соборот на сите православни цркви ќе се одржи во 2016 година во Истанбул, по половина век подготовки, а тоа што ја засега Македонската православна црква – Охридска архиепископија е прашањето дали одлуките ќе се донесуваат со консензус, објавија во неделата извори блиски до московскиот патријарх, а претставниците на сите помесни православни цркви повикале на овој собор да се обнови црковното единство во Украина и сите прашања во оваа земја да се решаваат по мирен пат.
Вселенскиот (константинополски) патријарх Вартоломеј, како прв според честа во православната хиерархија, чијашто резиденција се наоѓа во Истанбул, ги повикал поглаварите на православните цркви да се сретнат во текот на март за да ги разгледаат активностите на подготвителната комисија на Сеправоспавниот собор и обидите да се решата важните прашања, меѓу кои е и давањето томос, односно дали тоа ќе го прави црквата мајка или цариградската патријаршијата. Последната таква средба на комисијата се одржа во 2008 година, исто така, во Истанбул, а оваа се одвиваше од четвртокот до неделата, зад затворени врати.
– Сеправославниот собор се подготвува повее од 50 години, тие подготовки неколкупати беа прекинувани, но сега е решено соборот да се одржи. Тој ќе се одржи доколку не се појават некои пречки во текот на 2016 година – соопшти митрополитот Иларион, по средбата на поглаварите на помесните цркви.
Исто така, било решено дека на Сеправославниот собор ќе присуствуваат 24 архијереи, и сите решенија на Соборот ќе бидат прифатени откако ќе биде постигнато единствено мислење меѓу црквите.
– Исклучително е важно што решенијата на Соборот ќе бидат донесени со консензус, односно со заедничка согласност, поточно нема да има никакво гласање на Соборот – изјавил по средбата серускиот патријарх Кирил.
Покрај тоа, секоја помесна црква на Соборот ќе има еден глас.
– Црквата не може да претставува две различни мислења, нејзиното мислење мора да биде формулирано така што ќе го изразува заедничкото мислење на целата епископија, свештенството и верниците – се наведува во соопштението на канцеларијата на московскиот патријарх и на цела Русија.
Со Сеправославниот собор е претседава, односно ќе биде „прв меѓу еднаквите”, вселеснкиот патријарх, кој ќе седи во опкружување на сите поглавари на помесните православни цркви. Тоа се образложува со избегнувањето на можноста Соборот надворешно да наликува на соборите во римокатоличката црква, каде папата седи на чело, а сите епископи во салата, така што ќе ја одразува Православната доктрина според која секоја помесна православна црква ја предводат рамни по достоинство поглавари, патријарси, митрополити или архиепископи.
Според оцената на патријархот Кирил, соборот на православните цркви е „настан од историка важност”. Такви собори, на кои учествувале сите помесни православни цркви, во историјата, практично, и немало, истакнува поглаварот на руската црква.
Во историјата на христијанските црви досега се одржани седум вселенски собори, од кои последниот се одржал во VIII век. Тоа бил собор на целото свештенство и на претставниците а помесните христијански цркви, на кој се разработувале и утврдувале темелите на религиозното учење, се формирале канонските прописи, се оценувале различните богословски концепти и се осудувал ересот.
По XI век, кога се случил расколот меѓу Истокот и Западот, на Западот продолжиле да се одржуваат соборите, кои таму се нарекуваат вселенски, а на истокот кај православните, кои не ги признаваат западните како „вселенски“, односно општи, во прв ред поради сложените политички околности, имајќи ги предвид арапските и османлиските освојувања, ваквите собори не се одржувале.
Во Истанбул, исто така, станало збор и за ситуацијата во Украина, при што претставниците на сите помесни православни цркви повикале да се обнови црковното единство во Украина и сте прашања во оваа земја да се решаваат по мирен пат.
„Искрено се молиме за мирни преговори и помирување во молитвата во сегашната криза во Украина“, се вели во посланието од поглаварите на помесните цркви издадено во неделата. Како што објави Московската патријаршија, посланието било прочитано на Божествената литургија во соборниот храм „Свет Георги“ на Фанар, каде што е седиштето на цариградската патријаршија и резиденцијата на вселенскиот патријарх.
Патријархот на Москва и цела Русија, Кирил, коментирајќи ги резултатите од средбата во Истанбул, истакнал дека во соопштението за Украина се содржат три важни моменти.
„Прво, ова претставува повик до светот и за тоа да се обезбеди со мирни средства да се решаваат прашањата. Второ, дека ниедна сила не заземала храм, ниту манастир, затоа што во решавањето на црковните разногласија не учествува силата, воената или физичката. И трето, тоа е обраќање до луѓето коишто се наоѓаат во раскол. Соте православни цркви ги повикуваат оние коишто се наоѓаат во раскол да се вратат под пазувите на светата Православна црква, и се разбира, тоа ги подразбира канонските принципи за враќањето на црковното единство во Украина“, се наведува во изјавата на рускиот црковен поглавар.
Во Украина се активни канонската Украинска православна црква, која е самостојна црква во составот на Московската патријаршија, како и непризнаените во православната црковна структура, како и МПЦ- ОА, Украинската православна црква на Киевската патријаршија и Украинската автокефална православна црква.
На овие разговори во Истанбул, присуствувале претставници на тринаесет помесни православни цркви, и тоа на Цариградската, Александриската, Антиохиската, Ерусалимската, Руската, Грузиската, Српската, Романската, Бугарската, Кипарската, Еладската (Грчката), Албанската и Полската.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.