Кошаркарите на Бостон славеа победа против Чикаго со 71-69, во вечер за заборав и за двата тима. Домаќините си го подобрија билансот, но беа лоши во многу сегменти. Постигнаа најмалку поени на еден меч во последните 7 сезони, а скромните 71 поен им е трет најлош учинок, од 1955 година. Тогаш се воведе електронско мерење на нападите, ограничени на 24 секунди. Среќа за Селтикс е што Чикаго одигра уште полошо, а двете екипи имаа процент на реализација помала од 40 проценти.
Лошо играа и двете ѕвезди на Њујорк и Торонто, Кармело Ентони и Руди Геј. Заедно погодија само 9 од 45 шута од игра, и беа во втор план во победата на Торонто над Њујорк од 92-88. Ален Андерсон го предводеше тимот од Канада со 26 поени, додека Демар ДеРозан уфрли 20 поени, за четврта победа на Репторси во низа. Џеј Ар Смит постигна 26 поени за Никси, а 16 забележа Рејмонд Фелтон.
Играч на вечерта во која имаше 12 натпревари е Пол Џорџ од Индијана. Оствари трипл-дабл во победата на својот тим над Шарлот Бобкетс. Џорџ постигна 23 поени, дополнети со по 12 скока и асистенции. Тајлер Хансборо одлично го замени Дејвид Вест со 19 поени и 10 скока, а 11 поени уфрли Џорџ Хил.
Резултати: Орландо – Атланта 76-108, Кливленд – Сан Антонио 95-96, Индијана – Шарлот 101-77, Бостон – Чикаго 71-69, Бруклин – Денвер 119-108, Њујорк – Торонто 88-92, Детроит – Вашингтон 96-85, Милвоки – Филаделфија 94-92, Њу Орлеанс – Портланд 99-63, Минесота – Јута 93-97, Далас – Сакраменто 123-100, ЛА Клиперс – Хјустон 106-96.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


