Британскиот весник „Индепендент“ објави дека истрагата која што ја спровела една лондонска адвокатска канцеларија покажува дека лидерката на украинската опозиција Јулија Тимошенко и членови на нејзиното семејство, наводно на 278 банкарски сметки во 26 држави имале милиони долари, од кои 85 сметки биле во британските банки.
Адвокатот на Тимошенко, Сергеј Власенко ги демантира наводите и тврди дека се работи за голема пропагандна војнa против поранешната премиерка, за која се очекува дека ќе се кандидира на претстојните претседателски избори во Украина, кои што е предвидено да се одржат во мај.
„Индепендент“ наведе дека имал увид во извештајот на адвокатската канцеларија на Лоренс Герјем, во кој стои дека во меѓувреме поголем број од сметките се затворени, а останале само 13.
Истрагата е отворена во март минатата година на барање на тогашната украинска влада и претседателот Виктор Јанукович, поради сомнеж дека помеѓу останатите, Тимошенко и Павло Лазаренко кој исто така е поранешен премиер на незаконски начин спечалиле околу 200 милиони долари.
Парите наводно исчезнале во средина на деведестите години во време кога Тимошенко беше на чело на Обединетиот енергетски систем (УЕС) на кој што Лазаренко, кој во тоа време бил претседател на владата во Киев обезбедил монопол на увоз на руски гас.
Тие обвиненија не се поврзани со оние за кои Тимошенко подоцна е осудена на затворска казна.
Лондонскиот весник наведе дека Лазаренко во 2004 година во САД е осуден на осум години затвор, поради перење пари, кражби и незаконско префрлање на пари на сметки во странство, но дека американското обвинителство ги отфрлило обвиненијата против Тимошенко, поради недостаток на докази. Нејзиниот адвоката Власенко ги отфрли наводите и рече дека Тимошенко не учествувала во никакви трговски активности откако во 1997 година стана политичарка.
-Тоа е лага, не е вистина. Таа нема никаков имот, никакви средства, ниту сметки во САД, Велика Британија и Швајцарија – вели тој за „Индепендент“.
Според него нарачаната истрага била фалсификат и спонзорирана од режимот на Јанукович, со цел Тимошенко да биде дискредитирана. Елена Георгиевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.