
Вкупно 18 кардиохируршки интервенции врз деца со проблеми со срцето од кои 14 на Клиниката за детска хирургија, а четири на Клиниката за кардиологија биле извршени во изминатите две недели американските кардиохирурзи, заедно со македонски доктори. Тимот го предводел светски познатиот кардиохирург Вилијан Новик.
Кај четирите деца со најтешка комплексна аномалија на срце, првпат во Македонија, на Клиниката за кардиологија е извршена дијагностичка катетеризација и балон дилатација на пулмоналната валвула или артерија.
Тимот предводеен од професорот Новик петти пат досега престојува на Клиниката за детска хирургија во рамки на новата серија кардиохируршки операции на деца со срцеви проблеми. Американскиот кардиохирург Вилијам Новик, кој изведува неонатални кардиохирушки интервенции во Македонија, ги обучува и македонските лекари за овие исклучително сложени здравствени медицински процедури.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска по средбата со Новик изјави дека возраста на оперираните деца е од новородени до 12-годишна возраст, а една од интервенциите е извршена врз новороденче старо седум недели.
– Она што особено ме радува е тоа што се повеќе се зголемува довербата во целиот овој тим кој доаѓа и ги изведува веројатно најсложените интервенции. Повеќето од нив кои се изведуваат во првата, втората сесија, а некои и во овие последни сесии на нивно доаѓање, се интервенции врз деца кои биле одбиени како многу тешки и сложени случаи од некои од центрите каде досега се вршеа овие интервенции – изјави Тодоров.
Новик во последните 20 година има направено над 7.000 кардиохирушки интервенции, и тој е хирург со одлично реноме.
– Во Македонија има околу 250 деца кои се раѓаат секоја година со кардиохирушки проблеми. Од нив 100 имаат потреба од хирушка интервенција, а 60 од нив имаат потреба од хирушка интервенција во првата година – потенцира Тодоров.

Во 2012 година пред да се започне со овој проект од Фондот за здравствено осигурување за оваа намена биле исплатени околу 500.000 евра, а минатата година откако почна проектот исплатени се само 172.000 евра. Тодоров очекува дека овој износ ќе се намали годинава затоа што уште повеќе ќе се намали бројот на пациенти кои имаат потреба да бидат испратени во странство.
Кардиохирургот Новик рече дека 18 интервенции кои се изведени изминатите две недели се најголем број интервенции во еден престој што досега тие го имале.
– Навистина сме среќни што можевме да згрижиме толку голем број деца. Првпат во овој наш престој интервенциите самостојно ги изведоа македонските доктори и наместо тие да ми помагаат, јас им помагав. Мислам дека навистина се прават позитивни чекори и има прогрес во овој проект, истакна Новик и додаде дека за две од децата кои првпат биле оперирани ќе биде потребно да се направи дополнителна интервенција.
Доктор Игор Спировски од Клиниката за кардиологија истакна дека во таа јавна здравствена установа биле направени четири интервенции – едната била дијагностичка катетеризација, а останатите три биле балон дилатација на пулмоналната валвула или артерија, што е првпат изведено во државата.
– Интервенциите поминаа без никакви компликации. Се надевам дека успешната работа ќе продолжи и натаму и очекувам во април во втората сесија да продолжиме со катетеризациите или балон дилатациите, посочи Спировски.
Тодоров рече дека од 18 оперирани деца, две по извршената интервенција починале, а останатите се во добра здравствена состојба и дел од нив се пуштени дома.
– Двете дечиња кои починаа беа во многу тешка ситуација, едното беше со Даунов синдром, а другото имаше тешка срцева мана кога процентот на смртност е многу висок. Во двете ситуации станува збор за исклучително сложени интервенции за кои сепак се нафати тимот кардиохирурзи од Америка да ги оперираат, додаде Тодоров.
На листата на чекање има 42 дечиња на кои треба да им биде извршена кардиохирушка интервенција, а досега се направени 67 кардиохирушки интервенции во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Се истражуваат злоупотребите со хонорарите на детска хирургија
-
Има 21 година и бизарна желбa – да изгледа како Барбика
-
До 18 септември нема да работат оперативните сали на Клиника за очни болести
-
Во 2017 година поголем број здравствени услуги и поголем буџет за Универзитетската клиника за детска хирургија


