Македонската компанија „КИМ“ е една од фирмите која преку огласот на Владата доби поддршка од холандски експерт. Алберт Тен Кате е неколку дена во Македонија, а останува десетина во „КИМ“ за која вели дека е изненаден позитивно од производството и асортиманот во фабриката. Фабриката „КИМ“ побара да добие експерт кој ќе им помогне во областа на маркетингот.
– Со цел да им помогнеме во маркетингот посетивме маркети во целата држава каде се продаваат нивни производи каде забележав огромни штандови со вакви производи и моите совети ќе бидат во таа насока како подобро да се позиционираат овие производи и да имаат поголема визуелност. Во оваа фабрика има солидна основа за добар маркетинг – изјави Тен Кате при посетата на „КИМ“.
Тој се осврна на ПУМ организацијата од Холандија, од каде доаѓа, која претставува организација на експерти, која работи 35 години и има 35.000 реализирани проекти низ светот. Овојпат се во соработка со македонската Влада, а сите експерти се пензионери со
големи искуства во познати реномирани компании, како што се Кока кола и Нестле каде што и самиот тој има работено долги години.
Маркетинг менаџерот на „КИМ“, Марјана Јорданова изрази голема благодарност на одлуката на Владата да се понуди една ваква помош, како и на експертот за маркетинг.
– Пред да дојде експертот го запознавме со нашата производствена програма, а откако дојде посетивме одредени продажни места со цел опсервација на пазарот. Тој ни даде совети и мислења и препораки за подобар начин на промоција и поголема видливост на нашите производи на пазарот, да има подобра комуникација производител-потрошувач. Користејќи ја неговата експертиза понудени се бројни можни решенија и совети за начинот на комуникација на нашите производи со крајните потрошувачи, како и за начинот за
позиционирање и одбележување на производите кои ќе не издвојат од нашите конкуренти – рече Јорданова.
Покрај експертот Тен Кате, до крајот на април доаѓаат уште 15 други во Македонија во различни компании согласни потребите изразени во конкурсот што го објави Владата.
Поддршката ја добиваат компаниите преку владиниот проект со кој се обезбедува стручна помош за компаниите со ангажман на странски експерти со цел да им помогне во работењето. Трошоците за ангажман на странските експерти во најголем број случаи ги
покрива Владата. Целта на проектот е да се придонесе за обезбедување нови и подобри можности за домашните компании во насока на подобрување на нивната продуктивност, ефикасност, ефективност и профитабилност, со што ќе се даде поддршка и на економскиот
раст на земјата и поддршка на обезбедување нови работни места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.