
На патната инфраструктура во земјава ѝ се случува голема преродба. Вистинскиот инвестициски бум што му се случува на овој сектор овозможува градење на неколку патни правци, кои се од витално значење за државава, фирмите, но и за граѓаните. Добрите и современи патишта ќе овозможат проток на луѓе, стока, но и туристи, кои користејќи ги нашите патишта ќе бидат во ситуација да ја видат земјава, која, можеби, наредниот пат ќе се решат и да ја посетат. Најважно од сѐ, добрата инфраструктура ќе привлече нови инвеститори, кои досега, можеби, се колебаа да инвестираат токму поради лошите патишта. Минатата недела почна изградбата на двата нови автопатишта Скопје – Штип и Кичево – Охрид, а продолжуваат и градежните работи на делницата Демир Капија – Смоквица, што значи дека Македонија ќе добие нови 132 километра автопат. Дополнително на ова, годинава се очекува да биде распишан повик за концесионер на автопатските делници Гостивар-Кичево и Скопје-Блаце. Се модернизираат и локални и регионални патишта. Вкупните вложувања во овој дел се проценуваат на околу една милијарда евра, од кои повеќе од една половина се за двата нови автопатишта.
Градежниците се задоволни што нивните барања за инвестирање во овој сектор, конечно, станаа реалност.
– Инвестирањето во инфраструктурата, поточно почетокот на градење на неколку патни правци во земјава ќе донесе три вида придобивки, краткорочни, среднорочни и долгорочни. Краткорочните значат моментно активирање на градежниот сектор и на уште неколку сектори што се поврзани со него, во делот на снабдување на репроматеријали за работа и за градење на автопатиштата. Во овој контекст за првпат по долго време ќе имаме можност за активирање на постојните стручни кадри во реализација на овие проекти, но и продукција на нови стручни кадри за вакви активности, кои ќе ни бидат потребни за понатаму. Поголемиот обем на работа ќе значи нови вработувања, но и зголемување на платите на постојните вработени – вели претседателот на градежната комора при Сојузот на стопански комори, Сеат Кочан.
Според него, среднорочната придобивка на овие инвестиции е што за неколку години ќе се создаде потрошувачко општество, поточно средна класа, која ќе има повисок стандард, побрз проток и движење низ државава. Луѓето ќе можат да живеат во еден град, а да работат во друг знаејќи дека брзо ќе стигнат од еден на друг крај.
– Долгорочните придобивки се тие што ќе се создадат центри за брз транспорт, па репроматеријалите од Исток побрзо ќе стигнуваат до Запад и обратно, но и до крајните дестинации. Репроматеријалите, но и готовите производи побрзо ќе стигнат таму каде што ќе бидат упатени. Долгорочно, добрите патишта во државава ќе донесат многу туристи, пропатувачи, луѓе што на тој начин ќе можат да ја запознаат земјава за наредниот пат да дојдат и да ја посетат – објаснува Кочан.
Автопатиштата Миладиновци- Штип и Кичево- Охрид се градат со кинески пари, кредит што Македонија треба да го отплати за 20 години. Паралелно се работи и на Коридорот 10. Според процените на стручњаците, на изградбата на автопатиштата ќе бидат ангажирани 2.000 луѓе: градежници, инженери, проектанти, архитекти, градежни инспектори.
Во согласност со договорот, градежните работи на делницата Скопје- Штип минимум 49 проценти ќе ги изведуваат македонски компании, а вкупниот број македонски градежни работници што ќе се ангажираат од страна на изведувачите и на подизведувачите е најмалку 51 процент од вкупниот број. Проектот се реализира со кредит во износ од 206 милиони евра, земен по многу поволни услови, рок на исплата 20 години, пет години грејс период и два процента камата.
Инвестицијата за автопатот Кичево – Охрид се проценува на околу 375 милиони евра, со што ова е највисоката инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија. Градежните работи ќе почнат истовремено на три локации за да завршат за четири години. Во активностите ќе бидат вклучени и повеќе градежни и други компании од земјава. Во согласност со договорот, 51 процент од луѓето што ќе работат ќе бидат од Македонија, од општините што гравитираат околу автопатот.
– Овие автопатишта се од големо значење, не само за економијата, туку и за граѓаните.Се работи за три делници. Демир Капија – Смоквица, која е најтешката делница од Коридорот 10, и два автопатишта за рамномерен развој на државава, еден нов автопат кон Источна Македонија и една сериозно долга секција од Коридорот 8, од Кичево до Охрид. Во светот, реално, не постои ниту еден развиен регион или држава што нема добра автопатна инфраструктура и во таа насока тоа значи развој и за градежната индустрија, додека трае градењето, но и на сите други сектори. На пример, автопатот Кичево – Охрид има огромно значење за туризмот. Генералното поврзување по Коридорот 8 кон автопатот за Источна Македонија ќе значи подобро поврзување на слободните индустриски зони и обичните индустриски зони што ги имаме таму. Но тоа ќе значи придобивка и за граѓаните што секојдневно патуваат кон Скопје или се движат кон Коридорот 10 бидејќи ќе дојде до значително скратување на времето на патување, а ќе се подигне и безбедноста – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Според него, сѐ на сѐ, градењето носи огромни придобивки.
– Во светот не постојат студии што можат да ги опфатат сите позитивни ефекти од градењето автопат, но сите се согласуваат дека ефектите се многу, многу поволни и од тие причини ние долго време работевме на овие автопатишта за да обезбедиме финансирање на целата инфраструктура и сега добивме три делници во еден пакет. Досега не е забележано такво ниво на градење. Сите три беа дел од програмите на ВМРО-ДПМНЕ и со ова покажуваме дека оваа Влада, навистина, стои до кажаното, дека тоа што ќе го вети, реално и го реализира – додава Пешевски.
Според социолозите, новите патишта ќе го забрзаат крвотокот на економијата, што ќе даде подобар квалитет на живеењето, а со тоа и поголемо задоволство на граѓаните.
– Лошата патна мрежа го забавуваше движењето и на луѓето и на стоката. Тоа, од своја страна, влијаеше на откажување многу проекти, зделки. Тоа, пак, со себе повлекуваше замирање на многу региони, бизнис, но и пораст на невработеноста. Сега кога работите тргнаа во друг правец, на градење, ќе се оди на создавање нова вредност, која ги отвора вратите за повисок стандард, кој ќе значи нов, побогат стил на живот и, се разбира, поголемо задоволство – едногласни се социолозите.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 78. број на неделникот „Република“, 28.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Димовски: Со 480 милиони евра ќе се обновува патната инфраструктура во источна Македонија
-
Николов: Во Радовиш почнуваат неколку проекти за подобрување на патната инфраструктура
-
Дури 400 милиони евра за капитални инвестиции во патната инфраструктура
-
Инвестиција вредна 2,5 милиони евра: Заврши изградбата на регионалниот пат Ново Село – Маврово


