
Според дел од исламските теоретичари и практичари, во изворниот текст на „Фејсбук“ напишан од Реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи нема посакување смрт. Неговите изјави, всушност, треба да се толкуваат како знак дека евентуалните и потенцијални жртви ги фатила некоја клетва. Според нив, во сите вери има одредена божја казна за зулумот, односно за нанесената неправда, во случајов палењето храмови. Клетвата како институција исламот ја смета за ефективен механизам, односно смета дека таа ги стигнува неправедниците што ќе нанесат зло. Во исто време, исламот не препорачува верникот да биде тој што ќе колне. Дополнително стои еден податок што е повеќе историски отколку што е верски. Имено, во документите за вакафите, во завештанијата на имотот што се дарувал да биде на божјо име има еден дел што се вика дел на клетви. Во него тој што завештува фрла клетва над секого што ќе го уништи, ќе ја промени функцијата, ќе го узурпира или како било ќе го оштети тоа добро што му го отстапил на бога.
Други верски стручњаци, кои инсистираат на анонимност, велат дека овие правила врз основа на кои поглаварот на ИВЗ ги проколна сите што учествувале во палењето на прилепската Чарши-џамија важат за сите верски објекти, а не само за исламските. Тоа е една од причините што во османлискиот период во Македонија и секаде каде што имало христијански верски објекти тие ретко биле палени или уништувани на кој било начин. Стравот дека уништувачите ќе ги стигне клетвата на неимарите и на ктиторите на верските објекти со векови ги штител и православните цркви и манастири. На прашањето дали според таа логика од анатемата на ефенди Сулејман Реџепи треба да се плашат и тие што ги запалија Лешочкиот манастир, што го осквернавија манастирот во кумановското село Матејче во 2001 година или тие што ја запалија црквата во селото Лабуништа пред една година, тие немаат дилема, секој што свесно и со намера направил штета на верски објект, ако го следи принципот на кој се повикува Реџепи, треба да живее во страв од божја одмазда.
Со тоа ефенди Сулејман Реџепи, всушност, не го проколна само градоначалникот на Прилеп туку и сите Албанци што биле членови на ОНА и муслимани што палеле или на кој било начин уништиле христијански верски објекти.
Сите што не ги казниле институциите, и христијани и муслимани, ќе ги казни господ
Портпаролот на ИВЗ Абаз Ислами индиректно потврдува и верува дека покрај сите христијани што уривале исламски верски објекти, клетвата ќе ги стигне и сите Албанци и муслимани што уништувале неисламски верски објекти. Тој иако се согласи да одговори на директните прашања на „Република“ на оваа тема, сепак до затворањето на овој број не одговори на прашањата што беа доставени до неговата лична пошта и до службената електронска пошта на Исламската верска заедница. Во изјава за дел од македонските медиуми што побараа објаснување за радикалните изјави на поглаварот, Ислами порача дека поглаварот не напишал ништо лошо и секако дека стои зад тоа што е напишано на „Фејсбук“. „Ако некои луѓе не се казнети за тоа што го направиле, тогаш работата е оставена во рацете на господ“ (локално.мк, 19 февруари 2014 година). Со тоа и портпаролот на ИВЗ ја потврди тезата на дел од верските активисти дека реисот со фамозната изјава фрлил клетва на стотина припадници на ОНА што палеа и уништуваа христијански објекти во 2001 година и подоцна.

Само во Тетовско стотици „неверници“ треба да живеат во страв од бога
Според извештајот објавен на веб-страницата на тетовското архијерејско намесништво при Полошко-кумановската епархија на МПЦ ОА во 2001 година (сега Тетовско – гостиварска епархија), членови на ОНА од тетовското Кале извршија напад со огнено оружје на Тетово, во неговиот западен дел каде што се наоѓаат црквите „Света Богородица“, „Свети Никола“, соборната црква „Свети Кирил и Методиј“ и „Свети Димитриј“. Со куршуми од тешко стрелачко оружје и со минофрлачки гранати терористичките банди оштетија дел од споменатите цркви уште првиот ден. А потоа, како што се распламтуваше агресивноста во „борбата за човекови права“, така се напаѓаа, сквернавеа, уриваа, палеа и минираа цркви и манастири, па дури и такви што имаат нагласена културно-историска вредност и се под посебна заштита на државата. Таков е случајот со манастирскиот комплекс „Света Богородица“ и „Свети Атанасиј“ во селото Лешок, каде што црквата „Свети Атанасиј“, возобновена во 1924 година врз темелите на разурнатата црква за време на Отоманската империја, на 21.8.2001 година е разурната до темели со минирање. Освен споменатиот Лешочки манастир, запалени се и манастирот „Свети Ѓорѓи“ во село Мала Речица и црквата „Свети Никола“ во селото Слатина. Осквернати, оштетени и опустошени се црквите и манастирите во речиси целото тетовско архијерејско намесништво, и тоа манастирската црква „Света Богородица“ во село Џепчиште, црквата „Свети Кузман и Дамјан“ во село Једоарце, црквата „Свети Ѓорѓи“ во село Отуње, црквата „Света Богородица“ во село Сетоле, црквата „Свети Архангел Михаил“ и манастирот „Свети Ѓорѓи“ во село Непроштено; црквите „Свети Спас и свети Атанасиј“ во село Долно Палчиште, манастирот „Свети Атанасиј“ во Балтепе, на тетовското Кале, црквата „Свети Ѓорѓи“ во село Лавце со конакот, црквата „Свети Никола“ во село Долна Лешница, црквите „Свети Димитриј Солунски“, „Света Богородица“ и „Света Марена“ во село Теарце, манастирската црква „Свети Атанасиј“, позната како стар Лешочки манастир; црквата „Света Петка“ во село Варвара, црквата „Света Богородица“ и манастирот „Свети Илија“ во село Брезно, црквата „Свети Јован Богослов“ во село Отушиште, црквите „Света Богородица“ и „Свети Спас“ во село Јелошник, и црквата „Свети Никола“ во село Доброште, се вели во извештајот на Полошката епархија.
Во анализата се нагласува и дека штетите и разурнувањата на православните светилишта во Долни Полог воопшто не биле предизвикани како „колатерална штета“ при воени дејства (освен дел од оштетувањата на црквата „Свети Атанасиј“ на Балтепе) туку како резултат на активности мотивирани од најниски побуди на етничка и верска исклучителност и омраза, како очигледни антицивилизациски геноцидни средства за етничко чистење и искоренување на трагите на автохтониото население, а сето тоа во функција на деструктивната идеја за остварување на големоалбанските цели, се наведува во извештајот што е направен заедно со претставниците на ОБСЕ и со воената мисија „Конкордија“.
(Пишува: Горан Момироски
Текст објавен во 78. број на неделникот „Република“, 28.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


