| четврток, 6 декември 2018 |

Првоаприлски моден маскенбал на отворањето на Модниот викенд во Скопје

fw1

Модниот викенд во Скопје ќе се одржи од први до шести април на неколку локации во Скопје, најавуваат од организацијата. Првата недела во април ќе ја одбележат ревии на дваесет македонски дизајнерски имиња и модни куќи во рамките на деветтото издание на Моден викенд – Скопје.

fw2

Најновиот каталог кој ќе ја следи деветтата сезона е во знакот на таканаречената „Следна природа“, која ја дизајнираат новите културни навики и новата технологија водена од динамичното секојдневие. Обединетите црвена и сина, преточени во магента, прелеани со раскошни 3Д цветови ќе го обојат модниот април.
Сезоната пролет –лето 2014 по втор пат ќе ја отвори првоаприлски моден маскенбал во клубот „Станица 26“ како најава за многу мода и забава кои ќе го исполнат шестдневното случување.

fw3
Од Модниот викенд го најавуваат изложбениот салон во концептуалното кафуле „Концепт 37“ каде што веднаш по ревиите, колекциите на дизјанерите и модните куќи ќе се „преселат“ и ќе бидат достапни за купувачите во текот на целиот ден потоа. Моден викенд Скопје го прави ова со цел македонските дизајнерски имиња да им ги доближи повеќе на домашните љубители на модата.

fw4
Брендот „Hard to explain“ со моделите на Катерина Попева и Марија Дацевска ќе се претстави низ моден перформанс пред нивното ателје во Старата скопска чаршија. Модната куќа „Елена Лука“ ќе ги прикаже моделите за претстојната сезона пролет-лето 2014 година, уникатни креации кои ја следат елегантната силуета на жената. Во рамките на пролетниот Моден викенд ќе ги видиме и моделите на Јасмина Дракул. Едно поинакво модно доживување ќе приреди модната куќа на Мила Кадриу, која на моден бранч во градина ќе ја прикаже најновата колекција.

wf5
Салонот „Ауди – Порше Македонија“ ќе биде местото на случувањата во последните три дена. Таму со групна модна ревија ќе ги видиме студентите од Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје. Победниците на проектот „Поп! Мода“, организиран во соработка со Амбасадата на САД во Македонија и Текстилен кластер-Македонија на минатогодишното пролетно издание на МНС, Виктор Цветановски, Ана Камчева и Алмир Мили овојпат ќе претстават капсулни колекции.

fw5

На истата локација ревии ќе имаат Никола Петровски, Стефанија Насеска, Марјана Рујаноска, Бобан Илиевски и неговиот „Chic Undercowear“ , Ирина Тошева, „Вибрации“ на Александра Митковска и брендот „Лидија Георгиева“. Моден перформанс ќе имаат Елена Спасовска инспирирана од кабаре, Роберт Ивановски и првпат Ивана Јованоска.

Деби-модна ревија ќе има и ателје Оливера Штакоска.

Пролетниот Моден викенд ќе го затвори најновата колекција на Росица Мршиќ.

Фотографиите се на Ани и Дими.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top