Рускиот претседател, Владимир Путин, го убедил сменетиот украински претседател, Виктор Јанукович, да потпише договор со опозицијата на 21 февруари и тоа се случило по молба на американскиот претседател, Барак Обама, објави денеска „Комерсант“ повикувајќи се на дипломатски извори.
Весникот наведува дека во телефонски разговор Путин го повикал Јанукович да не воведува вонредна состојба и да почне преговори со опозицијата за да се запре крвопролевањето.
– Да влијае врз Јанукович, Путин бил замолен од Обама како и лидерите на Германија, Франција и Полска. Тие од своја страна му ветиле на Кремљ дека ќе влијаат врз украинската опозиција да ги исполни сите точки од договорот – вели изворот за „Комерсант“.
– Јанукович ги исполни сите свои обврски додека опозицијата не исполни ништо. Сега ЕУ и САД не прозиваат да гледаме во иднината и да изгледаме како да не се случил никаков договор. Но, за тоа нема да се согласиме – изјави изворот.
Коментирајќи ја изјавата на Меркел дека Путин се согласил за формирање меѓународна комисија за решавање на ситуацијата на Крим под покровителство на ОБСЕ, тој вели дека Германија „го гледа само она што сака да го види“.
– Постои стравување дека се обидуваат да не вовлечат во сите можни рамки за да се легализира сегашната украинска влада. Подготвени сме да продолжиме со дијалогот со нашите западни партнери, но само ако се вратат на договорот од 21 февруари, а во преговарачките процеси да учествуваат сите политички сили на Украина – наведува изворот.
„Комерсант“ додава дека Москва нема да инсистира на враќање на власта на Јанукович, но ќе бара министерски функции да добијат и членови на Партијата на регионите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.