Американскиот претседател Барак Обама му предложил на рускиот претседател Владимир Путин начин за решавање на украинската криза преку испраќање на меѓународни набљудувачи на Кримскиот Полуостров и повлекување на руските војници, изјави синоќа висок претставник на американската администрација.
Според анонимниот извор претседателот на САД со шефот на руската држава разговарал за можноста руските воени единици во Крим да се вратат во своите бази, а меѓународните набљудувачи да го следат почитувањето на правата на Русите на Полуостровот.
Тој изјави дека САД нема да учествуваат на самитот на Г-8 во Сочи во јуни, доколку руските сили не се повлечат од украинска територија.
Обама имал едночасовен телефонски разговор со германскиот канцелар Ангела Меркел, посветен на начините за решавање на украинската криза, како и на можноста за вклучување на Русите во новата влада на Киев.
Кинескиот претседател Си Џингпинг, пак, во телефонскиот разговор со Путин изразил увереност дека Москва во координација со другите земји може да работи на политичко решавање на кризата во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.