| четврток, 6 декември 2018 |

Монд: Кога „енергетскиот цар ќе покаже заби“

ruska nafta

Кога „енергетскиот цар ќе покаже заби“ претставниците на западните влади стравуваат за судбината на нивните компании и набавката на енергенти, додека пазарите реагираат на првите звуци на руските чизми со раст на цената на нафтата, пишува француски Монд.

Цената на барелот нафта на њујоршката и лондонската берза скокна за два долари, додека гасот во повеќе делови на Европа поскапе за два проценти. Не треба да се заборави дека меѓусебната зависност и испреплетените односи на Русија и Западна Европа ја штитат и најлошата политика, оценува весникот.

Аналитичарите потсетуваат дека во периодот на најголемото заладување на односите меѓу Западот и СССР во времето на владеењето на Брежњев, Русија остана верен доставувач на нафта на Европа. Европските клиенти единствено во 2006 година и во 2009 година беа колатерална штета на конфликтот меѓу Русија и Украина низ која се уште минуваат 60 отсто од доставите на рускиот гас до европските земји.

Не треба да се заборави и дека западните компании даваат главна технолошка поддршка во црпењето нафта од море и производството на природен гас кој се доставува на азискиот континент.

Нафтените компании кои соработуваат со Русија се најзагрозени во новонастанатата криза околу Украина, на чело со британската компанија Бритиш петролеум која поседува 19,75 проценти од капиталот на рускиот Роснефт. Нејзините акции вчера на лондонската берза изгубиле 2,3 проценти од вредноста.

Француската компанија пак, Тотал е сопственик на 16 проценти од капиталот на рускиот независен произведувач на гас Новатек и партнер во проектот за освојување на еден од најголемите руски наоѓалишта на гас Јужни Тамбеј каде резервите се проценуваат на 418 милијарди кубни метри гас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top