Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, на денешното отварање на 11. Меѓународен саем на градежништво, посочи дека градежништвото како сектор, само минатата година регистрирало раст од 33 отсто.
– Тоа покажува дека градежништвото имаше инзвонредно значајна улога во растот на македонската економија, и тоа не е случајно. Тоа е поттикнато со многу мерки, активности и потези што ги прави и приватниот сектор и Владата во насока на поддршка на градежната активност и на инвестициите во овој сектор – истакна Ставрески.
Тој додаде дека од Буџетот на Република Македонија за 2014 година се издвоени 365 милиони евра за реализација на капитални инвестиции, кои во голем дел ќе завршат во изградба на патишта, болници, училишта, спортски објекти и сѐ што може да даде работа за македонските градежни компании.
Со поедноставените услови за добивање градежни дозволи, како што нагласи Ставрески, Република Македонија е меѓу најуспешните во Европа во делот на едноставноста на добивање градежни дозволи.
– Со задоволство можеме да констатираме дека голем број македонски фирми се вклучени во релизацијата на капиталните проекти што се финансираат од буџетот, меѓутоа, исто така, и дека голем број фирми ја искористија можноста во овој период да градат станбени згради и објекти за индивидуално домување или други објекти во деловен простор, коишто со добрата почетна цена на земјиштето, со едноставноста на добивање градежни дозволи и со можност за реинвестирање во нови инвестиции, претставуваат силен импулс за развој на градежништвото и на македонската економија – рече Ставрески.
Паралелно со Саемот на градежништво денеска беше отворен и четвртиот по ред Саем за недвижности „Риал експо“. Извршениот директор на Саемот за градежништво, Даниела Глигоровска, истакна дека Меѓународниот саем за градежништво претставува престижна манифестација на која учествуваат најдобрите и нуди експресни решенија за комплексни ситуации поврзани во сите области.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



