| четврток, 6 декември 2018 |

Се бара контрола на продажбата на замрзнато свинско месо

svinsko

Производителите на свинско месо тврдат дека е во земјава се увезуваат големи количини смрзнато месо, но не знаат каде завршуваат тие. Бараат да се изнајдат начини за намалување на увозот на вакво месо и зголемување на домашното производство на свежо месо.

– Увозот на смрзнато свинско месо од 2007 година до сега е зголемен за 87 проценти. Само лани се потрошени 33 милиони долари за увоз на 9.000 тони замрзнато месо, а само 2.000 тони свежо свинско месо. Како производители на свинско месо, не загрижува увозот на свежо месо, туку големите количини на смрзнато месо. Затоа бараме да се намали овој узвоз – изјави на прес конференција, претседателот на Групацијата на производители на свинско месо при Стопанската комора, Ефтим Шаклев.

Производителите, како што рече, не ги загрижува само конкуренцијата на ниските цени на смрзнатото месо, туку и можноста ова месо  да заврши на трпезите на граѓаните или во угостителските објекти.

– Ние може да се сомневаме дека дел од тоа месо завршува во малопродажните капацитети, но ние не можеме да кажеме дека е тоа така, оти има институции кои прават проверка на пазарот и тие треба да излезат со точни информации. Но сметаме дека е потребно поголемо ангажирање на здруженијата на потрошувачите и поголема внимателност од граѓаните кога купуваат месо – вели Шаклев.

Според него, последните осум години е забележан рапиден раст на производството.- Во 2006 година бројот на свињи во земјава изнесуваше 170.000 грла, а лани завршивме со 300.000. Само за една година 2012 – 2013 година бројот на свињи во земјава е зголемен за 10 проценти. Расте бројот на помали фарми за производство, што е добро – појаснува Шаклев.

Тој очекува, преку измените на законот за гредежно земјиште и за земјодлеска дејност да се овозможи дел од фармите да ги легализираат објектите, што ќе придонесе за полесно исполнување на барањата за аплицирање за парите од фондовите на ИПАРД.

Годишно во земјава се трошат 10.000 тони свинско месо, а се увезуваат по 9.000 тони смрзнато месо и 2.000 тони свежо месо. Според последните податоци, годишно еден граѓанин во земјава троши по 10 килограми свинско месо.

Месната индустрија лани извезла преработки во износ од околу 40 милиони долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top