Освен автобуските тури низ градот, печатењето пропаганден материјал, разните манифестации и поставувањето патокази и табли, понудата за туристите во Скопје годинава ќе биде збогатена и со мултимедијални киосци, кои ќе работат на допир, електромобили за обиколка на објектите и спомениците од „Скопје 2014“ и со нова велосипедска и пешачка патека на Водно, пишува „Дневник“.
Градската власт деновиве распиша оглас за набавка на три информативни табли со екрани што работат на допир, кои се очекува да чинат околу два милиона денари. Огласот трае до 20 март. Понудите за набавка на пет од десет електромобили, во вредност од шест милиони денари, ќе се отворат деновиве. Овој проект го спроведува „Градски паркинг“, а го субвенционира Град Скопје.
Од Градот за „Дневник“ објаснуваат дека трите мултимедијални табли, кои ќе се постават во центарот на Скопје, на туристите ќе им овозможат со само еден допир да добијат стотици информации за градот, на пример, за разни угостителски понуди, хотелски и сместувачки капацитети, тури за разгледување знаменитости, манифестации, попусти во трговски центри, местоположба на разни спомен-обележја, патот до нив и други податоци.
Еколошките автомобили, кои работат на електрична енергија, ќе служат за прошетка на туристите, но не само по пешачките патеки, туку и по сообраќајниците. Првите пет возила ќе бидат набавени пролетва, а другите во јули. Се очекува еден електромобил да чини од 7.000 до 10.000 евра.
Во Програмата за туристичка пропаганда за 2014 година се предвидени вкупно 10,6 милиони денари за подобрување на условите на странските и на домашните туристи. Освен екраните на допир и електромобилите, новитет за годинава е и изведбата на велосипедска патека за рекреативен велосипедизам на Водно. За нејзина реализација ќе се издвојат 1,6 милион денари. Од манастирот „Свети Пантелејмон“ до Милениумскиот крст ќе се обележи и пешачка патека, со патокази и туристички мапи, во вредност од половина милион денари.
Другите пари се за активности за привлекување туристи – за манифестацијата „Баскерфест“, за која ќе се потрошат 900.000 денари, за конкурсот за најдобра фотографија со мотиви од Скопје и за порибување на езерото Матка. За автобуските тури на годишно ниво од буџетот на Градот се одвојуваат 180.000 денари, а за репринт на мултимедијално цеде за туристичка промоција се предвидени 400.000 денари. Исто толку пари ќе чинат печатењето и редизајнирањето на пропагандниот туристички материјал. За годинава, градската власт планира да потроши и 350.000 денари за консултантски услуги за изработка на Стратегија за туризам со акционен план.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.