Закупците на трговски дуќани во центарот на Скопје плаќаат 20 проценти повисоки кирии од своите колеги во Белград и во Софија.
Според консултантската фирма „Фортон“, во скопските градски трговски центри продажниот простор со површина меѓу 70 и 130 квадратни метри се изнајмува по 40 евра за квадрат, додека во реонските центри е поевтино, 25 евра, пренесува „Вечер“.
Квадрат изнајмен простор во галериите за малопродажба од 70 до 120 квадратни метри чини 30 до 35 евра, додека, пак, дуќаните од 80 до 100 квадрати на главните пешачки зони се со кирија од 27 до 35 евра за квадрат.
Во Белград, пак, по континуираниот пад на закупнините во изминатите години, денес дури и локалите на атрактивни локации останаа без цена. Единствено сопствениците на продавници на улицата „Кнез Михајлова“, но не и тие во пасажите, без проблем наоѓаат кираџии, па држат висока цена, пишува интернет-страницата „Каматица“. Од вкупно 17 милиони квадрати деловен простор во српската престолнина, сега се празни дури два милиона. Масовно се затвораат дуќани, па на повеќето локации, дури и во центарот на градот, не е реткост газдите да издаваат објекти без кирија, со единствен услов закупецот да ги плаќа трошоците за одржување и за комуналии, кои се значајна ставка. Според „Каматица“, некогашната кирија од над 20 евра за квадрат канцелариски и деловен простор денес е преполовена, а се спушта и до само седум-осум евра. Локалите од 50 до 60 квадрати, чијашто месечна рента била од 3.500 до 4.500 евра, сега и двојно поевтино тешко се издаваат, во најпрометните улици киријата е спуштена на 40 евра, додека на периферијата е под 10 евра.
Проблеми со издавањето на дуќаните имаат и скопските газди, но тие се уште не попуштаат со цените, оставајќи ги исти во текот на 2013 година, а освен трговските локали, тешко се издаваат и другите деловни простории. Закупнините на најскапиот деловен простор во периодот од 2008 до 2012 година се преполовени, но закупците оценуваат дека денешното ниво е непримерно на економската криза.
Кога е во прашање конкретно малопродажниот простор, празни се 16,9 проценти од дуќаните, а во втората половина на 2013 година со отворањето на „Капитол мол“ вкупниот малопродажен простор е зголемена за 7.826 квадратни метри.
Највисокото ниво на празен простор „Фортон“ е евидентиран во делот на галерија за малопродажба. Без закупци се 32,7 проценти, пред сè, поради зголемениот празен простор во „Соравија БЦ“. Трговските центри се со најниско ниво на слободен простор, од само 10 проценти, при што приматот го има ГТЦ, а без закупци се и 16,1 проценти од локалите на главната пешачка зона.
Прогнозите за оваа година се да се стабилизира понудата на малопродажен простор, бидејќи нема најави за нови проекти, неизнајмениот простор благо да расте, а на пазарот да има проширување на постојните и влез на нови марки, што не треба да има големо влијание на постојното ниво на закупнини на пазарот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.