| четврток, 6 декември 2018 |

Реставрација и конзервација на два објекта на булевар „Илинденска“ во Скопје

Почнаа конзерваторско-реставраторски интервенции на објектите со број „41“ и „63“ на булеварот „Илинденска“ во Скопје, кои претставуваат значајно културно наследство од почетокот на 20 век со архитектонско стилски вредности од раната модерна. Санацијата на објектите ја почна НУ Конзерваторски центар-Скопје со финаниска поддршка на Министерството за култура, а се очекува да заврши до крајот на април. Годинава ќе почнат и конзерваторско-реставраторски интервенции на уште два објекта на булеварот со број „68“ и „80”.

Увид во одвивањето на интервенциите на објектите на „Илинденска“ денеска направи министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која изјави дека проектот за обнова и конзервација на фасадите во значајните градски јадра во повеќе градови во државата успешно се реализира.

– Овие четири фасади се со еден автентичен архитектонски изглед од 20 век од рана модерна период, така што ќе се запази целокупниот автентичен изглед со цел да се врати ахитектурата на овие значајни фасади кои се влезени во споменичната целина, потенцира Канческа Милевска.

Во проектот за обнова и конзервација на фасадите, појасни министерката, се влезени околу 270 фасади кои треба да се завршат до 2017 година. Информира дека досега се обновени голем број на фасади во Охрид, Гевгелија, Крушево, Кратово и Кичево.

– Во согласност со проектите на надлежните институции, ќе се продолжи со истата динамика како и досега. На булеварот пет фасади се влезени во споменичната целина на Дебар Маало. Едната фасада е таа на Пионерски дом, која е завршена. Останати се уште четири фасади – додаде Канческа-Милевска.

Анета Таневска, дипломиран инжинер архитект, виш конзерватор во НУ Конзерваторски центар Скопје и раководител на проектот, рече дека при изборот карактеристично е што одбрале објекти кои најмногу се сочувани во нивниот автентичен изглед, немаат некои промени кои не можат да ги сметаат за дел од културното наследство.

– Имаат познати реномирани автори како проектанти, сите имаат одредени специфики како од страна на архитектонско-стилски вредности, така имаат и голем удел во амбиенталната целина на целиот булевар. Мислам дека со оваа реализација целиот булевар „Илиденска“ ќе добие еден посебен изглед кој ќе зборува за културното наследство и во градот и тоа е карактерично и добро за државата – додаде Таневска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top