| четврток, 6 декември 2018 |

Девојка остана неповредена по скок од мостот Гемиџии во Велес

Млада велешанка од засега непознати причини во вчеравечер скокнала од мостот Гемиџии во Вардар. Според првични информации девојката минала без телесни повреди, но била многу вознемирена. Реката за овој период од годината е со низок водостој па девојката по кратко време застанала  до еден од колтуците.
Очевидци раскажуваат дека девојката  го соблекла палтото и скокнала во Вардар. Немилиот настан го виделе и две момчиња кои веднаш  влегле во реката и помогнале девојката да остане до колтукот додека на помош нестигнале кајакарите и екипата на Итната медицинска служба.
-Ги видов момчињата како ја држат девојката доле, брзо дојдоа и кајакарите и ја изнесоа  девојката на сува. Девојката е жива, нешто зборуваше, веднаш стигна и Брзата помош и ја однесоа, рече еден од очевидците на немилиот настан.
Девојката е згрижена на интерното одделение во велешката болница, вели  др.Силвана Мишкова.
-Кај девојката не се констатирани никакви телесни повреди.Таа е повеќе вознемирена и се очекува да биде пренесена на лекување на одделението за Невропсихијатрија, рече др. Мишкова, портпарол на Општа болница Велес.
Лекарски преглед добија и момчињата кои први и помогнаа на девојката.И кај нив лекарите не констатирале никакви повреди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top