| четврток, 6 декември 2018 |

Обама обвини дека Русија го крши украинскиот суверенитет

obama-1.si_

 

 

Американскиот претседател Барак Обама вчера имаше едно и пол часовен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, во кој го обвинил дека го крши меѓународното право со распоредување на вооружени сили во украинскиот полуостров Крим.

-Претседателот Обама изрази длабока загриженост поради руското кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, што претставува кршење на меѓународното право. САД ја повикуваат Русија да ги деескалира тензиите со повлекување на своите сили назад во нивните бази на Крим и со воздржување од мешање во другите делови на Украина, пишува во соопштението на Белата куќа, во кое се додава дека, според САД, Русија ги прекршила Повелбата на Обединетите нации, договорот за стационирање на воени сили со Украина од 1997 година и Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, со кој се регулира уништувањето на украинското нуклеарно оружје.

 

Во разговорот, кој бил организиран на барање на САД, Обама му рекол на Путин дека САД ги почитуваат историските врски на Русија со Украина, и дека правата на руското население во Украина може да се обезбедат со меѓународни набљудувачи на ОН и ОБСЕ.

 

Претседателот Путин, според соопштението од Кремљ, ги обвинил новите украински власти за предизвикување на кризата, и споменал можност за слични активности и во други делови на Украина, а не само на полуостровот Крим.

-Како одговор на загриженоста на претседателот Обама поради употребата на руските сили на територијата на Украина, Владимир Путин му обрна внимание на провокативните и криминални постапки од страна на ултранационалистите кои добиваат поддршка од актуелните власти во Киев.

 

Рускиот претседател зборуваше за реалната закана за животите и здравјето на руските граѓани и многубројните наши сонародници кои моментално се на украинска територија. Владимир Путин посочи дека во случај на натамошно ширење на насилство во источна Украина и Крим, Русија го задржува правото да ги штити своите интереси и руското население во тие области, пишува во руското соопштение.

 

Американскиот државен секретар Џон Кери, пак, руското распоредување на Крим го нарече инвазија и окупација на украинска територија.

 

Кери вчера имал разговор со вршителот на должноста претседател на Украина Александар Турчунов, кого го пофалил затоа што неговите власти покажуваат воздржаност пред заканите со кои се соочени и нападот врз нивниот суверенитет.

 

Кери имал серија разговори со шефовите на дипломатиите на западни држави со кои го координира одговорот на рускиот чекор.

 

Во Белата куќа вчера се одржа и состанок на првите луѓе на американската безбедност, секретарот за одбрана Чак Хејгл, директорот на ЦИА Џон Бренан, началникот на Здружениот Генералштаб Мартин Демпси, директорот на ДНИ Џејмс Клапер и советничката за национална безбедност Сузан Рајс, но без учество на претседателот Обама.

 

Како првични реакции по руското распоредување на Крим, САД најавија дека нема да учествуваат на самитот на групата Г8, кој требаше летово да се одржи во Сочи.

Републиканскиот сенатор Марко Рубио го обвини претседателот Обама дека неговата политика на „ресетирање“ на односот со Русија е мртва, и побара од него веднаш да ја прогласи ситуацијата во Украина за руска окупација. Според Рубио, САД мора да преземат осум мерки против Русија: испраќање високи функционери во Киев заедно со европските сојузници, седница на НАТО која ќе доведе до заеднички одговор кон Русија, прекин на сите преговори со Русија во трговските и други односи, резолуција на осуда во Обединетите нации и санкции кон високи руски функционери. Една од мерките кои Рубио ги предлага е прием на Грузија во НАТО и обезбедување на оваа земја со потребните воени системи за да се одбрани од евентуални нови руски напади

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top